Објектите на сенвичарниците во Драчево и во центарот на Скопје, кај кои поради нехигиена и присуство на фекалии беа затруени 64 лица, се привремено затворени од Агенцијата за храна и за ветеринарство сè додека не ги отстранат констатираните недоследности.
Повторно ќе бидат отворени само доколку со новите лабораториски испитувања се потврди безбедноста, односно се додека хигиената во објектот не биде на задоволително ниво.
Агенцијата за храна и ветеринарство ги доби резултатите од извршените лабораториски испитувања на земените мостри од храна и бриса од работни површини од сендвичарницата во скопската населба Драчево каде што пред неколку дена се случи труење со храна. Со испитувањата на петте мостри храна, утврдено е присуство на колиформни бактерии во три мостри и присуство на бактеријата стептококус фекалис во една мостра.
Во еден од земените седум бриса од работните површини, утврдено е присуство на ентеробактер, на колиформни бактерии и на мувли. Сето ова укажува на нехигиена во објектот и несоодветна манипулација со храната.
Врз основа на одредбите од Законот за безбедност на храната, против овој оператор поведена е прекршочна постапка, со која ќе биде изречена и парична казна од 5.000 евра во денарска противвредност за правното лице и петстотини евра за одговорното лице во правното лице.
Бидејќи станува збор за оператор со храна кај кој од страна на инспекциските служби при контролите по трет пат се утврдени недоследности, кај него во иднина ќе се зголеми фреквенцијата на вршење на инспекциски контроли.
Агенцијата ги доби и резултатите од испитувањата на мострите од храна и работните површини и од сендвичарниците на „Жу Жу“ каде што, исто така, имаше инцидент на труење со храна. Резултатите покажаa дека во една од земените 4 мостри од храна и во два бриса од работните површини, исто така се најдени колиформни бактерии. И против овој оператор е поведена прекршочна постапка и ќе биде изречена парична казна во иста висина.
И овие објекти се привремено затворени и нема да добијат дозвола за работа се додека не ги исполнат безбедносните критериуми потврдени со лабораториски анализи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


