Градоначалникот на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец Алексиќ, заедно со амбасадорот на НР Кина во Македонија, Вен Џеншун, министерот за образование и наука на Република Македонија Абдилаќим Адеми, денеска ја пресекоа лентата и ги отворија вратите на на новоизграденото училиште во населбата Драчево ООУ „Рајко Жинзифов“.

„ Свесни дека одвивањето на наставата во современи и модерни услови, денес веќе е неопходност, општина Кисела Вода, предводена од мојот претходник, Марјан Ѓорчев, се зафати со овој крупен проект кој се финализира денеска. Објектот кој постоеше на ова место замина во историјата, денес отвораме врати на нашата визија, конкретизирана во новиот лик на општинското основно училиште „Рајко Жинзифов, симбол на кинеско-македонско пријателство”, истакна Беличанец Алексиќ.

Новото училиште во населбата Драчево се протега на 4500 квадратни метри во кои се сместени 35 училници, 5 модерно опремени кабинети и библиотека. Во дворот кој се протега на 16000 квадрати ќе има фудбалско игралиште , кошаркарско игралиште , атлетска патека, простор за слободни активности на отворено. Средствата за овој објект се обезбедени како дел од склучениот договор на Владите на Република Македонија и НР Кина за билатерална соработка. Годинава училиштето ќе прими 704 ученици. Од нив, 82 се првачиња.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


