Хрватскиот претприемач и инвеститор Саша Цвитојевиќ од Загреб до Скопје ќе патува со својата „тесла Ес“, првиот електричен автомобил „тесла“ што доаѓа во Македонија. Тој ќе присуствува на вториот Стартап викенд Скопје, којшто ќе се одржи од 19 до 21 септември во просториите на „Њу менс бизнис акцелератор“. Патувањето Цвитојевиќ го најави на својот профил на „Фејсбук“, каде што побара помош околу логистиката за полнење на автомобилот со електрична енергија по пат.
– Имам план да појдам на Стартап викенд во Скопје со мојот електричен автомобил. Ќе биде тоа одлична промоција за употребата на електричните автомобили во регионов, каде на ова сѐ уште се гледа со сомнеж. Ќе поминам околу 1.000 километри по пат на кој нема никаква инфраструктура за електрични возила – појасни Саша Цвитојевиќ во својот статус. Со коментари и идеи веќе се јавија луѓе нудејќи помош и решенија за полнење на батериите по пат.
Саша вози „тесла модел Ес“, комплетно електричен луксузен автомобил со 5 врати, произведен од „Тесла моторс“. Овој модел е на врвот по својата економичност и безбедност, а во светот се продадени повеќе од 25.000 возила.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


