| четврток, 6 декември 2018 |

Нов триумф на Стефановски на ЕП на ридски патеки

По обезбедувањето на европската шампионска титула во Категоријата 1 на две трки пред крајот на сезоната, настапот во Словенија за Стефановски беше формалност и прилика да се научи патеката. Но, нашиот спортски херој сакаше уште еднаш да ја потврди својата вредност посебно поради силната конкуренција во Словенија во групата Н.

Цела сезона Стефановски го чекаше и посакуваше директниот дуел со минатогодишниот европски шампион, Хрватот Томислав Мухвиќ. Сепак, откако ги пропушти првите две трки од сезоната поради технички проблеми, Мухвиќ се откажа од одбраната на титулата и настапуваше само во домашното првенство. Конечно, Стефановски и Мухвиќ за прв пат сезонава се сретнаа токму на оваа трка во Словенија. Дополнително, исто така за прв пат сезонава, Стефановски за противник го имаше и италијанскиот шампион во групата Н, Микеле Буиати.

Со време од 2:26.05 Иџе постави нов рекорд на патеката за возила од групата Н оставајќи го Мухвиќ 1,13 секунди позади себе. Во второто возење Стефановски постигна време од 2:26.36 со што стигна до нов триумф со вкупно време од 4:52.41. Мухвиќ заврши втор со вкупно време од 4:55.09, а трет Чехот Јиржи Лос со вкупно време од 4:56.39. Италијанецот Буиати комплетно разочара заостанувајќи по 4 секунди во двете возења зад Стефановски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top