Во Македонија на 1 декември, по повод Светскиот ден за борба со сидата, здружението МЕРЦ организира настан за зголемување на свесноста за туберкулозата како водечка причина за смртност на ХИВ-позитивните лица во светот. Претстaвници на здружението ќе споделуваат информации и промотивни матерјали на повеќе локации на територијата на Скопје со цел населението да биде запознаено со начините како да се заштити од туберкулозата и од ХИВ/СИДА.
Лицата што живеат со ХИВ од 26 до 31 пати имаат поголема веројатност да се разболат од туберкулоза во споредба со лицата без ХИВ. ХИВ и туберкулозата формираат смртоносна комбинација, едната болест придонесува за напредокот на другата. Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), во 2013 година:
- 360.000 лица починале од ХИВ асоцирана со туберкулоза. Околу 25% од смртноста на ХИВ-позитивните лица се должи на туберкулоза.
- Откриени се 1,1 милион нови случаи на туберкулоза меѓу ХИВ-позитивните лица, 78 проценти од нив биле од Африка.
- 550.000 деца биле заразени од туберкулоза и 80.000 ХИВ-позитивни деца починале од туберкулоза.
- Од туберкулоза се разболиле околу 9 милиони луѓе и 1,5 милион починале од туберкулоза на светско ниво.
Туберкулозата е предизвикана од бактерија која најчесто ги напаѓа белите дробови. Туберкулозата се шири од едно лице на друго преку воздух. Околу една третина од светската популација имаат латентна форма на туберкулоза, што значи дека лицата што биле заразени со туберкулоза не се болни сѐ уште и не можат да ја пренесат на други лица. Само 10 проценти од лицата инфицирани со туберкулоза имаат животен ризик да се разболат од туберкулоза. Најголем ризик имаат лицата со нарушен имунолошки систем, како лица што живеат со ХИВ. Туберкулозата е болест која може да се спречи и да се лекува. Во Македонија вкупниот број новооткриени лица со туберкулоза се движи околу 350 лица на годишно ниво.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.