| четврток, 6 декември 2018 |

Русија и Украина ги разменија заробениците, на размената се приклучија и бунтовниците

Украина ја предаде групата од десет руски падобранци заробени на нејзина територија, а Русија ги врати 63-цата украински војници кои на 27-ми август преминаа на руската територија, додека проруските бунтовници од Донецк соопштија дека ноќта кон неделата на украинската страна и’ предале 223 заробени војници и припадници на Националната гарда.

Рускиот генерал Алексеј Рогозин изјави дека падобранците за кои Москва тврди на по грешка заталкале на украинска територија при рутинско патролирање по должина на границата, се предадени по „многу тешки преговори“, и како што оцени „неприфатливото доцнење“, пренесува РИА Новости.

Киев минатата седмица зароби десет руски падобранци и ги претстави пред медиумите како наводен доказ дека руската војска се бори на страната на проруските бунтовници во Украина.

Во замена за руските падобранци, Москва предаде 63 украински војници коишто во средата навлегоа на територијата на Руската Федерација,

Истовремено претставници на самопрогласената Народна Република Донецк соопштија дека за време на судирот во областа Старобешево, во југоисточниот дел од донецката област, уништиле два тенка и две оклопни возила на Националната гарда на Украина и притоа разоружиле 198 украински војници. Во истите судири биле ослободени уште осум населени места и бунтовниците своите позиции ги зацврстуваат на нови локации во продолжување на нивното територијално напредување кон југоистокот.

„Во текот на ноќта од 30-ти кон 31-ви август, силите на милициите почитувајќи го прекинот на огнот на украинската страна и’ предадоа 223 заробени украински војници и припадници на Националната гарда“, се вели во соопштението на самопрогласените бунтовнички власти.

Политичарите во Киев и во Москва се надеваат дека размената на заробениците ќе ги ублажи тензиите меѓу двете земји по острата ескалација на судирите откако бунтовниците минатата седмица преземаа контраофанзива за да го осуетат спроведувањето на новата воена стратегија на украинскиот претседател Петро Порошенко. Со неа украинските сили требаше да ги отцепат самопрогласените републики во Луганск и во Донецк од руската граница , како и да биде прекината меѓусебната поврзаност, со што ќе беа ставени во целосно опкружување.

И покрај сомневањата и обвинувањата за директна воена вмешаност во Украина, Русија упорно го негира своето присуство во украинската криза, којашто Москва ја нарекува „внатрешно украинска“. НАТО во четвртокот ја обвини Русија дека испратила илјада свои војници на украинската територија, како и дека натрупала околу 20 илјади војници на границата. Поради ескалацијата на кризата на вонредната седница во петокот НАТО ја остави можноста за отворање на вратата на Украина за постапка за нејзино зачленување во Алијансата и ја повика Русија да „ги прекине незаконските воен активности во Украина со кои очигледно го крши суверенитетот и територијалниот интегритет на таа земја“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top