| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија дел од „Недела на авантури – Западен Балкан“

Во текот на наредните четири дена група од 20 интернационални медиуми и туроператори ќе патуваат низ Македонија за да се запознаат со локалната туристичка понуда и да воспостават контакти со претставници од секторот за туризам кои во иднина ќе им помогнат да носат странски туристи во земјава.

Македонија ќе биде последната земја која групата ќе ја посети (после Косово и Албанија) како дел од двонеделната тура „Недела на авантури – Западен Балкан“ (AdventureWeek Western Balkans).

Групата денска попладне ќе премине од Албанија во Македонија на граничниот премин „Св. Наум“, каде ќе ги пречека Кристијан Џамбазовски, директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Турата има за цел да го поврзе домашниот пазар за активен туризам на Косово, Албанија и Македонија со туроператори од Северна Америка и Западна Европа, со цел привлекување на поголем број странски туристи.

Дел од учесниците во турата се и главниот уредник на National Geographic Traveler, Кит Белоус (Keith Bellows), уредничката на Yahoo Travel, Џо Пиаза (Jo Piazza), и уредничката за југоисточна и источна Европа на Lonely Planet, Брана Владисављевич (Brana Vladisavljevic).

Од 31 август до 4 септември групата ќе ги посети Св. Наум, Охрид, Галичица, Преспа, Хераклеа, Дихово, Трескавец, Крушево, Маврово и Скопје. На септември учесниците ќе имаат шанса да ги посети и дел од останатите предели на Македонија, како локалитетот Кокино, Стоби и Тиквешкиот регион. Покрај природните убавини на Македонија, групата ќе ужива во традиционална македонска музика, храна и култура, но и ќе учествува во спортски активности како тандем параглајдинг, велосипедизам, искачување по карпи и планинарење.

Турата „Недела на авантури – Западен Балкан“ (AdventureWeek Western Balkans) е организирана од страна на Интернационалната асоцијација за активен туризам (Adventure Travel Association – ATTA), во соработка со Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, и голем број на бизнисмени од секторот
туризам во Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top