Владислав Бајац од Србија, Миленко Јерговиќ од Хрватска, Андреј Блатник од Словенија, Алек Попов од Бугарија и Андреј Николаидис од Црна Гора се првите учесници на првиот Фестивал на прозата во Македонија. Овие три дена ќе се промовира балканската книжевност, ќе се вмрежуваат авторите и издавачите од регионот и ќе се создава платформа за подобра идна соработка.
Заедничко за петтемина писатели е нивниот квалитет. Нивни дела им се познати на овдешните читатели зашто се преведени на македонски јазик, па овој фестивал овозможува средба на домашната публика со авторите на најчитаниот книжевен род.
Фестивалот ќе додели и награда за развој на балканската книжевност – „Проз- арт“ во вид на статуетка. Ќе ја добие Бајац, според едногласната одлука на уметничкиот совет, во состав: Александар Прокопиев, Елизабета Шелева и Ермис Лафазаносвки. На српскиот писател, добитник на голем број награди, меѓу кои и на „Балканика“ за романот „Амамот Балканија“ во 2008 година, наградата ќе му биде врачена на затворањето на фестивалот на 6 март.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.