Во прекрасните предели на селото Скребатно, денес се одржа манифестацијата „Охридска софра“. Посетителите имаа можност да вкусат најразлични традиционални специјалитети, а посебна атракција беше готвењето на Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески и Андријана Алачки, од „Вкусот на традицијата“.
Традиционалните рецепти за подготовка на домашна храна, претставуваат вистинско богатство на нашите домаќинства и неисцрпна можност за туристичка промоција за градот Охрид, меѓутоа уште повеќе за руралните населби во Општина Охрид.

Манифестацијата „Охридска Софра“, претставува извонредна можност за комбинација на соодветни настани преку кои на граѓаните, гостите и посетителите ќе им биде презентирано богатството на охридската традиционална храна, пијалоци и други етнолошки вредности како дел од севкупната туристичка понуда и туристички производ.
Во таа насока на излетничката локација во близина на селото Скребатно, се организира и саем за промоција на традиционална храна и пијалаци, како и други форми на традиционални и културни вредности од охридскиот крај. Посетителите имаа можност да пробаат вкусни традиционални јадења, тука беше неозбежното ѓомлезе, но и различни видови сирење и природен, домашен мед.

24. учесници годинава се натпреваруваа во подготвување на вкусното, традиционално ѓомлезе. Посебна Комисија ги дегустираше подготвените специјалитети и донесе одлука првата награда за најдобро подготвено ѓомлезе за замине кај Гоце Дукадиноски, втората кај Ратка Крстаноска, а третата кај Златица Размоска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


