
22 јули 2014 година – двојно убиство и самоубиство, 30 јули 2014 – жена се самоуби во центарот на Скопје, 6 август 2014 – маж се самоуби во Карпош, 13 август 2014 – тинејџерка се самоуби во Кисела Вода… Ова се самоубиствата во Скопје за само еден месец. Едно повлекува друго, еден се охрабрува од друг… Станува верижна „игра“. Во Македонија се случи двојното убиство и самоубиство, следниот ден истото се случи и во соседна Албанија. Наредниот ден пак, во Албанија уште едно убиство со самоубиство – невозвратена љубов, неверство – причините исти или слични.
Медиумите се пред крстосница. Да се оди ли по патот што носи читаност? Ексклузивни снимки од местото, фотографии од убиецот, убиените, самоубиецот, детали за начинот на одземање на живот, причините поради кои посегнал врз сопствениот живо… Тоа носи многу читаност и посети на веб-страниците. Луѓето сакаат да ја слушнат туѓата мака, да видат дека и друг има проблеми како нив… На другата страна од крстосницата стои етичкиот кодекс. Треба ли да се известува, да се кажуваат детали за начинот и за причините за посегнување по сопствениот живот, какви последици ќе предизвика тоа…
Самоубиства според мотивот 2012 2013
Нервно растројство 62 31
Семејни караници 7 9
Љубовнипроблеми 1 3
Болест 22 18
Друго 82 93
Сѐ почесто се оди по првиот пат – читаност и посети. „Ова се убиените девојки“, „Ова е девојката што си го одзеде животот“ се насловите што носат многу отворања на веста и посетеност. Неморално, неетички, но корисно… Барем така гледаат на тоа повеќето медиуми. Но дали некој размислува каде води тоа?!
Статистиката вели дека минатата година се самоубиле 170 лица, што е речиси идентично со 2012 година, кога се самоубиле 172 лица. Но затоа, пак, многу повеќе од 2011 година, кога таа бројка изнесува 128. Во 2010 година се самоубиле 122 лица, што е драстичен пад од 2009 година, кога по својот живот посегнале 167 лица. Најголем број самоубиства во последните 20 години се регистрирани во 2004 година – 179.
Од 170 лица што си го одзеле животот во 2013 година 136 се мажи, 34 жени. Регистрирано е едно самоубиство на возраст од пет до 14 години. Највисока е бројката на самоубиства на возраст повисока од 65 години – 32 мажи и 17 жени. На возраст од 25 до 34 години се самоубиле 29 мажи и пет жени.

Идентификација со познатите личности
Дека е зголемен бројот на самоубиства зборува и социологот Татјана Стојановска – Иванова.
– Тоа е една од спецификациите што се јавува во последно време и е еден вид пресликување од светот. Самиот процес на аномија што се случува, отуѓеноста кај луѓето и современите тенденции наметнуваат едни поинакви стандарди на урбано живеење, кои не соодветствуваат со македонските традиционални стандарди на живеење. Луѓето не можејќи да се соочат со реалноста, се решаваат на чинот на самоубиство како на еден вид крајна инстанција – вели социологот.
Таа го коментира влијанието на масовните медиумите, како еден голем фактор на социјализација. Вели дека во ерата на масовната комуникација во која живееме, сосема е нормално зголеменото влијание на тие медиуми. Секое дете во својата соба има телевизор, а тука се и интернетот, видеоигрите, комуникацијата на „Фејсбук“, кои влијаат врз зголемениот процент на општествени девијации.
– Самоубиството е само еден вид општествена девијација. Има неколку моменти на поврзаноста на масмедиумите и на општествените девијации, почнувајќи од самиот процес на насилство и на агресија, а самоубиството е насилство и агресија врз самиот себе. Има значајни социолошки аспекти што влијаат, ја прават поврзаноста меѓу масмедиумите и самоубиствата. Прво тоа се модели на идентификација и на имитација. Имате самоубиства на значајни личности, кои биле нечии модел на идентификација и на имитација. Самата личност се идентификувала со начинот на однесување, со карактерот, со начинот на живеење на одредена позната личност, која во јавноста е позната и призната (спортисти, актери, пејачи…). Дел од луѓето се препознаваат во нив и почнуваат да ги имитираат, дури некогаш и несвесно го прават тоа – објаснува Стојановска-Иванова.
Дали и како да се известува за самоубиства е тема што се отвора често, особено кога на тој чекор се решила некоја позната личност. Таков е случајот и со самоубиството на Робин Вилијамс. Позната, успешна личност, која била на високо скалило во општеството, човек што заработувал многу се решава на самоубиство. Која е пораката што ја добиваат луѓето, особено, како што вели социологот, лабилните личности?! Публицитетотшто го доби неговиот потег може да ги поттикне на погрешни размислувања неговите обожаватели.
Интернетот како моќен фактор
Психијатрите велат дека импулсивноста може да биде клучен фактор во донесувањето одлука некој да си го одземе животот. Импулсивните личности заклучуваат дека самоубиството е единственото решение за проблемите, притоа не размислувајќи за последиците. Луѓето што се зависни од поддршката и од внимание на другите луѓе, се склони кон самоубиства тојмомент кога ќе почувствуваат дека не го добиваат потребното внимание. Се случува да посегнат по својот живот и тие што се несреќни во љубовта, луѓе штоболедуваат од тешки, неизлечливи болести, алкохоличари и песимисти. Стојановска-Иванова ги коментира честите убиства и самоубиства каде што во фокусот е љубовта, неостварена, нереализирана врска. Пред неколку месеци во скопската населба Ново Лисиче маж ја уби својата поранешна девојка, поради тоа што таа ја прекинала нивната врска, по што се самоуби. Два месеца подоцна во скопски Аеродром се случи сличен немил настан – маж ја уби девојката и нејзината сестра, по што се самоуби. Причина – не сакала да се омажи за него.
– Во последно време имаме неколку такви убиства со самоубиство. Се убива партнерката, и се одзема сопствениот живот. Се работи за неможност да се соочи со загубата на некоја личност и се решава да се елиминира и себе и неа. Тоа порано беше поретко, иако и во современите општества има такви случаи. Често има случаи каде што во светот познати личности го направиле тоа. Таквата вест може да влијае на одредени личности да го направат истото – коментира социологот.
Ако првиот метод беше идентификација и имитација, вториот метод, според Стојановска-Иванова е индукцијата, односно пренесувањето. Ако во моментот како ударна вест се прикажува нечие самоубиство или убиство и самоубиство, причините за нивното самоубиство и начинот на кој го направиле тоа, чинот се пренесува кај личностите, кои, можеби, се полабилни, со недооформен карактер и може да влијае и тие да го направат тоа.
– Тоа го имате и во европските социолошки испитувања. Тоа е најспецифична девијација затоа што многу тешко може да се утврдат реалните причини за самоубиство. Некои оставаат писма, но многумина не. Од направените истражувања на тие оставени докази е утврдено дека врз бројот на самоубиства има влијание и самата објавена вест, особено на интернет, како моќен фактор. Има и самоубиства пред поставена камера, има видеа од тие самоубиства што влијаат особено кај тинејџерите. Тоа е момент и на индукција и на идентификација и на имитација – додава нашата соговорничка.
Сите негативни компоненти, прикажувањето на агресија и насилство, нагласувањето на начинот е индиректно прикажување како да го направат тоа. Социолозите негодуваат што кај нас негативната вест е ударна вест. Како да сме гладни за одмазда, да слушнеме дека некому нешто лошо му се случува. Тоа е далеку од моралното и од етичното.
–Никогаш не се почнува со позитивна вест. Секогаш негативното е поголема вест од позитивното. Не само кај нас, и во светот. Тој етички кодекс мора да се почитува. Особено во држави во кои има криза на вредности, се боледува од транзиција, нема етаблирани морални норми што соодветствуваат на современието, има вакуум на вредности и ерозија на моралот, таквите негативни вести придонесуваат за социо-патолошки појави, меѓу кои и самоубиството. Ако почнувате со пет вести за самоубиство, убиство, незадоволство, сиромаштија, на некој начин не ја поттикнувате надежта, туку влијаете на перцепција дека сѐ е негативно – вели Стојановска-Иванова.
Вертеров синдром – едно самоубиство влече нови самоубиства
Влијанието на масмедиумите врз зголемување на бројот на самоубиства беше тема на дискусија по прикажувањето на научно-фантастичниот филм „Аватар“, снимен во тридимензионална верзија. Тогаш 17-годишниот Швеѓанец Ивор Хил, откако го изгледал филмот, се решил на самоубиство. Друго момче, пак, Мајк, на интернет го најави своето самоубиство:
– По филмот веќе ништо не е исто. Не можам да престанам да мислам за тоа што се случи, за сите солзи и страдање што ги доживеав на проекцијата. Сега кога знам дека ќе се реинкарнирам во Пандора, не ми преостанува ништо друго, освен да се убијам.
Светските психолози тогаш проговорија за „Вертеров синдром“. Името доаѓа од познатиотроман „Страдањата на младиот Вертер“ од Гете. Станува збор за индуцирани самоубиства од страна на тие луѓе штонемаат дијагноза на психијатриско нарушување. „Ветеровиот ефект“ се објаснува како самоубиство или обид за самоубиство во кое личноста го копира начинот на одземање на живот на некоја личност од опкружувањето, а често и од познати личности, било тоа да е во реален живот или сцена од филм. По смртта на Курт Кобејн во САД се појавила серија самоубиства во кои бил копиран начинот на кој славниот музичар си го одзеде животот.
Двесте години по објавувањето на контроверзното дело на Гете, американскиот социолог Дејвид Филипс се заинтересира за феноменот на Вертер. Тој по низа истражувања дојде до заклучок дека веднаш по објавувањето наслови со кои се известува за самоубиство, бројот на самоубиства се зголемува драматично, особено кога се работи за самоубиство на позната личност. Вестите што се неизбалансирани влијаат на почувствителните луѓе, го копираат начинот на самоубиство посегнувајќи по сопствениот живот. Филипс зборува за идентификацијата со личноста што се самоубила. Животната приказна на тој што посегнал по својот живот ги потсетува на нивната приказна. Очајни, не гледаат спас од проблемот во кој се наоѓаат, се поттикнуваат од вестите за самоубиство што медиумите ги пренесуваат и се осмелуваат да го направат.
Флипс нагласува дека објавување мотиви, околности и детали од самоубиствата предизвикува нови самоубиства. Доколку објавите дека некој се самоубил удирајќи со голема брзина во карпа, наскоро бројот на луѓе што ќе се самоубијат на тој начин драстично ќе се зголеми. По внимателно разгледување на статистиката на самоубиства во САД во периодот од 1947 до 1968 година, Филипс открил дека во рок од два месеца по секое објавување вест за самоубиство, во просек се извршуваат 58 самоубиства повеќе од вообичаеното.
Филипс во друга студија нагласува дека по објавување статии и прилози за самоубиства, значително се зголемува и бројот на сообраќајни незгоди, како и на други незгоди што го загрозуваат човечкиот живот. Несреќи и катастрофи, тврди тој, се случуваат таму каде што самоубиството добива големо внимание во медиумите.
Пишува: Билјана Зафирова
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


