Периодот на владеењето на СДСМ е одбележан со криминални активности за кои и ден денеска се зборува. Покрај приватизацијата, организираниот криминал, шверцот на нафта и оружје, „златните години“ на СДСМ се паметат и по низа нерасчистени убиства, сомнителни самоубиства, прикриени самоволија.
Уште во 1993 година под сомнителни околности, како самоубиство се припоша смртта на новинар на Македонското Радио, Љупчо Атанасовски. Тој како гласен критичар на посткомунистичкиот режим, односно на наследниците на едноумието, работеше и во редакцијата на Глас на ВМРО. Освен сомнителното самоубиство со бесење, тоа што фрли сенка врз случајот беше и, според сведоците, сквернавењето на телото и името на Атанасовски.
Една година подоцна во Прилеп загина цело семејство на полициски службеник за кој се сметаше дека е извор на информации за опозициските медиуми. Во Кочани, сите се сомневаа во мотивите за самоубиството на полицискиот службеник, откако тој јавно посочи кон власрта како извор на кршѓењето на ембаргото кон СРЈ.
Во низата на сомнителни и нерасчистени убиства, се вбројува и атентатот врз претседателот на државата, Киро Глигоров. Но освен што истрагата тапкаше во место, мракот ги голташе сведоците и информаторите околу атентатот.
Драган Гаврилов, Тања Павловска, Милорад Михајловски, Наим Лесковица, Спирос Куцурелос се дел од лицата чии убиства и сомнителни самоубиства СДСМ никогаш не ги расветли. Се претпоставува дека не само што СДСМ не ги расчиствуваше туку и ги прикриваше овие сомнителни погибии Посмелите упатени говореа и дека структури од СДСМ и тајните служби под контрола на СДСМ имале и директно учество во дел од нив.
Драган Гаврилов, инспектор во МВР, кој му бил телохранител на Киро Глигоров утрото на 5 август 1997 година беше сомнително прегазен од патничкиот воз што сообраќал на линијата Кичево-Скопје на мостот на реката Лепенец во населбата Ѓорче Петров. Според тогашните изјави на семејството Гаврилови, две лица дошле во домот на Драган вечерта на 3 август и го одвеле. Тогаш се шпекулираше дека Драган бил претепан и оставен на пругата. За време на атентатот Гаврилов бил во автомобил “БМВ”, кој се движел зад “мерцедесот” на Глигоров. Веднаш по одекнувањето на експлозијата Гаврилов го извадил тешко ранетиот претседател од “мерцедесот” и во чаршав го ставил во ” БМВ”-то, чии гуми биле разнесени од детонацијата. Потоа го одвезол во Градската болница.
Скопјанецот Милорад Михајловски почина под сомнителни околности, откако дал изјава во својство на сведок во врска со атентатот врз претседателот Киро Глигоров. Михајловски бил најден мртов во неговиот дом на улицата Владимир Комаров број 4, во скопската населба Остров, а еден ден пред тоа дал исказ за атентатот. Неговата сопруга Надица го нашла починат во нивниот стан. Како што дознаваме, смртта кај Михајловски е чудна, бидејќи тој претходно немал никакви срцеви тегоби ниту проблеми со здравјето. Михајловски работел како инспектор во Управата за државна безбедност и контраразузнавање во станицата “Бит-пазар”. Откако се случил атентатот врз Глигоров, тој под чудни околности заминал од МВР.
Во февруари 1996 година беше уапсен Наип Лесковица од скопското село Грчец, човекот што му го подари блиндираниот “мерцедес” на Киро Глигоров. Лесковица, брат на Аслан Нуиши, бил уапсен заедно со уште едно лице и бил брутално претепан од кривопаланечката полиција. Тој бил испрашуван за неговите односи со претставникот на бугарската компанија “Мултигруп” во Скопје, Иво Јанчев, потоа за познанствата со Жељко Ражњатовиќ- Аркан и Петрит Аме. Летото 1996 година Лесковица загинал во “сообраќајна несреќа” на патот Гостивар-Тетово. Со него во автомобилот бил и Петрит Аме, кој во “несреќата” не добил ниту модринка.
И скопскиот контроверзен бизнисмен Спирос Куцурелос, кој беше доведуван во врска со атентатот, беше најден мртов во неговиот дом. Според полицискиот извештај, Куцурелос се самозастрелал
Во контекст на сомнителните и нерасчистени од СДСМ убиства и самоубиства најинтригантно е наводното самоубиство на полициската службеничка Татјана Павловска на скоро една година пред веќе од очигледниот трансфер на власта во 1998.
На 20 февруари 1998 година на падините на Водно во близина на кругот на МВР беше најдена мртва Тања Павловска, стенограф во Управата за оперативна техника и прислушување, во Министерството попозната како петта управа. Павловска имала една огнострелна рана во челото според официјалната верзија, а дури три според лица кои биле присутни на увидот. Официјално случајот за кратко време бил “расветлен”, поточно забошотен, со тоа што полициската екипа што вршела увид констатирала дека станува збор за самоубиство и покрај сведоштвата дека Павловска имала три огнострелни рани.
Официјално, сè уште МВР го води случајот како самоубиство. Меѓутоа, полицискиот извештај од самото место каде што била пронајдена, најверојатно направен од увидна екипа којашто сè уште не била инструирана што треба да стои во записникот и за кого станува збор, фрла голем сомнеж врз официјалната верзија за трагедијата. Имено, полициски извори велат дека Павловска била пронајдена во последните улички во населба на падините на Водно, со три прострелни рани и со покриена глава?!
Што е причината (само)убиството на Павловска да биде поврзувано со атентатот врз Глигоров? Таа беше припадничка на Секторот за следење комуникации, поконкретно на изготвување известувања од прислушувањата. Неделникот Форум пишуваше дека извор многу близок до неа и кој имал неколку контакти во периодот пред убиството, тврдел дека Павловска му соопштила дека таа од некои лица од безбедносните служби добила понуда што не можела да ја одбие – била натерана да го купи и да го паркира амито на улицата Македонија! Според нашиот соговорник, таа најверојатно веќе ја чувствувала опасноста по личната безбедност.
Но, во случајот на Павловска постои уште една информација. Имено, имајќи пристап до материјалите од следењето на комуникации и прислушувањата со кои во тој период беа опфатени дури и министерствата заради спречување на истекување информации во полза на тогашната опозиција, таа дошла до многу значајни податоци. Во тоа време, имено, се случува буквалната купопродажба на Министерството за градежништво (се споменуваат 4 милиони германски марки) од премиерот Бранко Црвенковски кој ресорот што дотогаш го водеше кадар на неговата СДСМ го отстапи на коалиционата ПДП. И, според изворите на Форум, тогаш се случува отпочнувањето на “државно” криумчарење дрога за западноевропскиот пазар преку приватни туристички и транспортни фирми. А парите кои се добивале од продажбата на дрогата, се користеле за купување оружје за војната што ОВК ја водеше подоцна на Косово.
Очигледно структурата којашто стои зад овие инциденти ги има сокриено трагите, но преку своите пипки го оневозможува секое истражување во оваа насока.
Во низата „успеси“ на СДСМ, се вбројува и полициската акција од 2003 година. Во неуспешна акција за апсење на Саид Рушити полицијата уби 26-годишна бремена Албанка. МВР истиот ден соопшти дека започнува пресметката со криминалните банди.
Во мај 2006 година, 18 дена немаше ни трага ни глас од 16-годишниот Трајан Беќиров. Полицајците го бркале, па завршил удавен во Вардар. Остро реагираа единствено ромските невладини организации, a полицијата молчеше и ги заштити припадниците на МВР. Владата на СДСМ во целост ја игнорираше оваа тема и ја прикриваше одговорноста за убиството која воопшто не беше лоцирана.
“Молк од сите. Ниту полиција, ниту судот ниту судска медицина кажуваат од што умре нашиот Тале. Телото не го земам да го погребам додека не ја разберам вистината. Ако треба ќе чекам и 10 години”, рече Езерџан Беќиров таткото на 17 годишниот Трајан Беќиров кој беше најден мртов во водите на Вардар.
” Од судска медицина ни рекоа дека дури за 15 дена ќе го добиеме извештајот од обдукцијата. Ќе го чекам да видам што ќе кажат. Од тоа ќе зависи дали ќе повикам странски експерти да направат обдукција. Ќе чекам оти сепак ние сме државјани на оваа држава и тука треба сами се да направиме”, кажа Беќиров.
Беќиров исчезна кога бегал од полициските Алфи. Дента кога се случил инцидентот Трајан заедно со неговиот другар Орхан Исени застанале да се греат на оган од запален контејнер до автобуската станица во Карпош 4. Слушнале истрели и почнале да бегаат.
“Трајан беше напред , а јас се вратив назад. Тогаш го видов последен пат”, кажуваше по настанот Исени.
Од телото на младиот Трајан Беќиров по извршената обдукција на Институтот за судска медицина недостасувале повеќе витални органи, соопшти Мухамед Точи од Невладината ромска организација Месечина од Гостивар. Точи присуствувал на втората обдукција што ја вршел бугарскиот форензичар Георги Банков на Институтот за патологија , кога е откриено дека место мозок, во черепот на момчето имало завиткана хартија. Бугарскиот експерт утврди дека недостасува целиот мозок, недостасува еден бубрег, најголем дел од срцето, слезината..
На местото на мозокот имаше хартија – соопштија Мухамед Точи и Надир Реџепи од невладините Сонце и Месечина . За нив и за Бугаринот Банков несфатливо е зошто биле земени цели органи, а не делови за да се направат потребните анализи. Невладините организации ќе ги чекаат резултатите од обдукцијата, по што се подготвени да поднесат кривични пријави доколку тоа не го стори обвинителството. Таткото на Трајан, негира дека неговиот син бил проблематичен, за кого наводно имало досие во МВР. Нема ништо од тоа.
-Слободно проверете. Станува збор за чесно дете од чесна фамилија – рече Езерџан Беќиров.
Ова не е прв случај што докрај не е расчистен кога станува збор за Роми, соопштија овие организации и го повикаа министерот за внатрешни работи сериозно да го преиспита односот на полициските алфи и да одговори како загина младиот Беќиров.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Опструкции на секој чекор: Граѓаните кои доаѓаа на протест стопирани на секоја патарина (галерија)
-
Хит на Фејсбук: Хрватски полицајци се обидуваат да поправат службено возило (видео)
-
Само кренат глас ќе се слушне: Полицајците во понеделник на марш низ Скопје
-
Убиецот од Мала Речица вечерва приведен во селото Гајре