Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека седумнеделниот конфликт во Газа заврши со победа за Израел.
– Палестинското исламистичко движење Хамас беше тешко погодено во текот на судирањата и не доби ништо од неговите барања, рече Нетанјаху.
Израелскиот премиер се закани дека може да уследи уште пожесток одговор, доколку се обноват ракетните напади од Појасот Газа кон територијата на Израел.
Според Нетанјаху израелската Влада не прифатила ниту едно од барањата што ги постави Хамас, како услов за да се постигне подолготраен прекин на огнот.
Камионите на ОН од Светската програма за храна вчера првпат навлегоа во Појасот Газа, по 2007 година. Тие донесоа храна за околу 150 илјади луѓе, доволно да се нахранат во следните пет денови.
Палестинските рибари од реонот на Газа од денеска првпат имаат право да навлезат подлабоко во водите на Медитеранот за да ловат риба, откако израелската морнарица ги ублажи рестрикциите.
На преговорите во Каиро, кои се одржуваа со посредство на Египет, Хамас инсистираше на укинувањето на блокадата што веќе шест години ја применува Израел, откако во Појасот Газа Хамас ја презеде целосната контрола, по пресметката со Ал Фатах, кој дотогаш ја имаше власта.
Израелската Влада, пак, бараше разоружување на Хамас и целосно уништување на ракетниот потенцијал на ова исламистичко движење кое и понатаму не се согласува со постоењето на државата Израел.
Веднаш по согласноста на Изреал за прекин на огнот,на територијата на Газа почна прославување на „победата“. Хамас побрза да објави дека се постигнати целите за кои 50 денови се водеа тешки борби.
Во конфликтот што почна на 8 јули загинаа 2.100 Палестинци. Според изралеската војска, половината од нив се припадници на Хамас, додека според ОН од Газа, 70 отсто од жртвите се цивили.
На израелска страна загинаа 64 војници и седумина цивили. Израелската војска има извршено 5.200 воздушни напади, додека Хамас има лансирано 4.560 ракети кон израелската територија, а некои од нив кон Тел Авив и главниот цивилен аеродром „Бен Гурион“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.