| четврток, 6 декември 2018 |

Петто издание на Мултимедијалниот фестивал СЛОБОДНА ЗОНА 5

Утре почнува петтото издание на фестивал СЛОБОДНА ЗОНА 5 под мотото „Остави трага“, а официјалното отворање е предвидено да биде во галеријата ВЕНЕЦИЈА со изложбата на  инсталации „Праг на толеранција“ во која учествуваат четири наши современи уметници Маја Kировска, Марија Сотировска, Ивана Пирковска и Тони Димитров, автори кои ги промислуваат современите проблематики за односот помеѓу човекот и природата, природата и технологијата, правецот на научно-технолошкиот развој, социјалните релации и геополитичките констелации.

Нивните дела укажуваат токму на местото каде се судираат природното и технолошкото, во денешниот цивилизациски контекст, во епохата во која доминира рационалноста и догмата на научната мисла. Тие естетски ја валоризираат проблематиката преку интервенции во просторот, комплексни и детални структури/инсталации или звук, и поставуваат прашања кои треба да се сфатат сериозно, како едни од клучните во современото доба, прекумерно подложно на ерозија на основните етички вредности и природни/космички постулати.

Иако од искуство, скоро со сигурност можеме да кажеме во кој правец ќе се одвива развојот на цивилизацијата, не можеме да дадеме одговор на тоа дали човекот ќе го смени ваквиот тек на историјата, кој по сè има дистописки карактер и укажува на тоа дека оваа цивилизација е втемелена на погрешни принципи. Понесени од трката за економски развој и благосостојба, начин на живот во кој нема никакви ограничувања и подлабока смисла, уништувајќи ја природата и средината во која живееме со енормна брзина, духовно сме сè посиромашни и доживуваме колапс на целокупната култура. Според ова заклучуваме дека е нужна брза промена на парадигмата и мора да обмислиме свет кој ќе биде сосема поинаков. Уметноста треба да има улога на антиципатор на овие проблематики и прашања, ако не и улога на оној кој треба да даде одговор на истите. Се работи изложба за амбиентални, просторни и звучни инсталации, кои досега биле изложувани на интернационални изложби, а за прв пат ќе се претстават на публиката на Слободна зона.

По изложбата програмата продолжува со интерактивна дискусија со Ана Јовковска, под наслов „ВНИМАВАЈ ОПАСНОСТ – СЛОБОДНА ЗОНА“ која ќе се одржи во галерија ТЕРАКОТА во 19ч., а од 20 часот во истиот простор следува проекцијата на филмот Cash & Marry во режија на Атанас Ѓорѓиев и дискусија со дебатното кино КОНТРА-КАДАР отворајќи теми од социјално политички карактер.

Вечерта кулминира со концерт на пеачката, текстописец и изведувач Рита Брага која  во кафе-барот ТАМО од 22:30 часот ќе се претстави соеклектичен репертоар на песни, кои се движат од српски, шведски или португалски народни и новокомпонирани песни, џез од 20тите,самба, но и Боливуд. Таа има пишувано и музика за филм и анимации, музика за реклами, домаќин е на непредвидливи кабаре вечериво Порто, каде што во моментов престојува. Од 2004 година таа настапува скоро секаде низ Европа, САД и Бразил, во различни контексти, од подземни клубови, до театри, фестивали, комични емисии или основните училишта.

Најчесто настапува  соло со вокали и укулеле, во кој додава пијано, синтисајзер, гитара или претходно снимени траки на нејзиниот жив настап. Во 2012, за време на нејзината прва Бразилска турнеја, Рита основаа бенд во Сао Паоло, именуван Indiozinhos Psicodélicos. Вториот студиски албум е снименво Сао Паоло со оваа екипа. На фестивалот ќе се претстави со својот нов материјал.

Фестивалот продолжува со својата програма и во сабота на 30 август и недела 31 август.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top