| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов ги повика турските бизнисмени да инвестираат во Македонија

Индустриската зона Остим е една од најголемите зони во Турција со 5 000 компании и преку 50.000 вработени во 17 различни индустриски сектори. На Бизнис Форумот присуствуваа претставници од 5 индустриски сектори од сферата на обновливата енергија, медицината, градежништвото, автомобилската и одбранбената индустрија кои претставуваат повеќе од 80 компании.

Македонскиот претседател ги повика турските бизнисмени да ја посетат нашата држава и да ги искористат нејзините предности и капацитети во реализацијата на нивните бизнис планови. Претседателот Иванов во своето обраќање ги потенцираше условите за странски инвестиции во Република Македонија и ги запозна турските бизнисмени со сето она што Македонија го правеше изминативе години на економски план.

„Ве повикувам да ја посетите Македонија и да ја внесете земјата во вашите анализи и размислувања за ширење на вашиот бизнис, и да се уверите дека Македонија нуди големи можности. Да ги разгледате постојните капацитети, да разговарате со компаниите кои се веќе присутни во Македонија и да го слушнете нивното искуство”, рече претседателот Иванов пред присутните на Бизнис Форумот во Остим.

Претседателот Иванов подвлече дека меѓу Република Македонија и Република Турција постојат односи кои ги карактеризира традиционално пријателство и партнерство, дека комуникацијата и соработката меѓу двете земји е интензивна на сите нивоа и дека стратегијата за зајакнување на билатералните односи од 2008-та, успешно се реализира.

– Нашите две држави денес имаат исклучително добри претпоставки да се фокусираат на она што е најважно, економската соработка, инвестициите. Нас не радува перманентниот економски развој и економските успеси на Република Турција. Едно е јасно, можеме многу повеќе и во инвестициите и во трговската размена. Тоа треба да е фокусот во наредниов период, истакна македонскиот претседател.

Во рамки на посетата на Република Турција, претседателот Иванов ги посети и компаниите Истем Медикал и Телмек. Во компанијата Истем Медикал, македонскиот претседател одржа средба со раководството на која беше информиран за нивните бизнис планови врзани со инвестирањето во Македонија. Истем Медикал е компанија за производство на медицински препарати, која според потпишаниот договор, во Македонија ќе инвестира околу 10 милиони евра. Според најавите, за 2 месеца треба да почне изградба на фабрика во зоната Бунарџик, каде на почеток ќе бидат вработени 100 лица, а се очекува за неколку години бројот на вработени да стигне до 250.

При посетата на компанијата Телмек, претседателот Иванов беше информиран за нивната заинтересираност за инвестирање во Република Македонија, и се запозна со портфолиото и успесите на оваа компанија, која е извозно ориентирана и успешно работи на пазарите надвор од Турција. Телмек е компанија за производство на механички делови за компании од сферата на информатиката, технологијата, градежништвото, автомобилската индустрија, медицинскиот и одбранбениот сектор.

Претседателот Иванов се наоѓа во дводневна посета на Република Турција, по повод утрешната инаугурација на новоизбраниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top