Конвојот хуманитарна помош на Обединетите нации пристигна од Египет во Појасот Газа, првпат откако е воведена блокада кон оваа територија во 2007 година.
Светската програма за храна соопшти дека во конвојот, кој влегол во Газа преку граничниот премин Рафа има храна за најмалку 150 илјади лица за пет дена. Помошта пристигнала по 50-дневното најкрваво насилство во изминатата деценија меѓу Хамас и Израел, кое по се изгледа заврши, откако вчера беше постигнат договор за неограничен прекин на огнот.
– Исклучително е важно да имаме пристап до Појасот Газа, да обезбедиме постојан доток на хуманитарни залихи, со цел да одговориме на растечките потреби на луѓето зафатени од неодамнешните насилства, изјави Мухамед Диаб регионален диектор на Агенцијата за Блискиот Исток, Северна Африка, Централна Азија и Источна Европа.
Во конвојот има 15.650 пакети храна, вклучувајќи конзервирано месо, грав, чај и урми, соопшти Агенцијата на ОН во Женева. Уште десет илјади пакети ќе бидат испорачани следните неколку дена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.