Мирот во Украина може да биде постигнат преку национален дијалог во кој ќе бидат вклучени сите региони, а условите не може да ги диктира „владата победник“, изјави шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, додавајќи оти Киев треба да „ги запре воените игри“.
– Клучно е Киев да прекине со воените игри и да ја напушти илузијата дека длабоката криза во Украина може да биде разрешена со добивање на војната против сопствениот народ, посочи Лавров.
Тој повтори дека од голема важност е да се обезбеди итна хуманитарна помош за луѓето во југоисточна Украина.
Рускиот министер за надворешни работи наведе дека од 1. април 775.000 украински граѓани преминале на територија на Русија, а 190.000 Украинци поднеле барање за бегалски статус во Русија.
– Хуманитарната ситуација во Доњецк и во Луганск е катастрофална и понатаму се влошува. Повеќе од 2.000 луѓе загинаа, а 5.000 се повредени, од кои најголемиот број деца, истакна Лавров.
Тој потенцира дека санкциите на Западот кон Русија се контрапродуктивни и оти се во спротивност со принципите и нормите на меѓународното право.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.