Гугл (Google) освои важна битка во Европа, откако германските пратеници го одобрија нацрт-законот, според кој интернет гигантот нема да биде обврзан да плаќа за содржини со линкови од сајтовите. Нормативната промена мина во долниот дом на германскиот парламент во петокот, соопштува Волстрит журнал (The Wall Street Journal). Таа дава право на интернет пребарувачите да објавуваат слободно извадоци од текстови при прикажувањето на резултатите од извршените пребарувања по клучни зборови.
Во првичната варијанта на законските одредби се даваше можност на новинските сајтови и другите интернет портали со содржина да добиваат лиценцни такси од компаниите како Гугл. Ова беше причина за бурна контра реакција, бидејќи според Гугл тоа би ги влошило сериозно можностите за наоѓање на информации на интернет во Европа и покрај тоа би се создал опасен преседан при авторските права на интернет.
Иницијативата за поставување на таквата законска промена беше поведена од влијателни медиумски групи како Аксел спрингер (Axel Springer) во Германија. Издавачите инсистираа дека компаниите како Гугл заработуваат неправедно на грбот на медиумите и треба да направат олеснување од приходите кои ги реализираат од рекламите кои се појавуваат при појава на фрагменти од новинската содржина.
Сега медиумите во Германија ќе продолжат да имаат право да решаваат под кои услови интернет пребарувачите можат да уживаат во нивната содржина за комерцијални цели. Иако мина во долниот дом на парламентот, законот треба да биде одобрен и од горниот дом, која е контролирана од опозициските социјалдемократи и од зелените.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


