
Годинашното, 66. по ред доделување на наградите „Еми“, телевизискиот пандан на „Оскар“, ќе се одржи денеска во Лос Анџелес, со што ќе биде заокружена ТВ продукцијата од претходната сезона.
Два новитета – тензичната, необична крими-серија „Вистински детектив“ во продукција на каналот „Ејџ-Би-О“ и мрачната комедија за женскиот затвор „Портокаловата е новата црна“ на мрежата „Нетфликс“, успеаја да се најдат меѓу фаворитите и така да ја загрозат позицијата на некои, сега веќе култни остварувања како што се „Чиста хемија“ и „Игра на престолот“.
Големи шанси да се здобијат со признанија имаат и сериите „Американска хорор-приказна“, костимирана сага „Даутонска опатија“, политичкиот трилер „Куќа од карти“ и приказната за развојот на маркетингот во 60-тите години на минатиот век „Луѓето од Менхетен“.
Со оглед на тоа што доби вкупно 99 номинации, „Ејџ-Би-О“ со право очекува да однесе најмногу трофеи иако плановите може да му ги смени интернет-сервисот „Нетфликс“, кој оваа година двојно повеќе го зголеми бројот на номинации во однос на минатата година.
Во категријата за најдобра драма ќе се натпреваруваат: „Чиста хемија“ на која ова ѝ беше последната сезона, „Луѓето од Менхетен“, Куќа од карти“, „Игра на престолот“, „Вистински детектив“ и „Даутонска опатија“.
Серијата „Вистински детектив“, која ги следи крвавите траги што зад себе ги остава садистички убиец, има номинација за најдобар актер и тоа за двајцата свои главни протагонисти, Метју Меконахи и Вуди Харлсон , кои се само некои од големите филмски ѕвезди што во последно време преминаа на малите екрани.
На списокот на номинации, посебно место има серијата „Фарго“, заснована на истоимената култна црна комедија на браќата Коен, со Били Боб Торнтон и Мартин Фримен, кои, исто така, се номинирани за најдобри актери.
Во категоријата за најдобра комична серија за наградата ќе се натпреваруваат: „Портокаловата е новата црна“, „Модерно семејство“, „Бубалици“, „Луи“, „Силконска долина“ и „Вип“.
Кога станува збор за ТВ-филмовите, драмата на „Ејџ-Би-О“„Нормално срце“, вистинска приказна за њујоршки активисти за борба против сидата, има најмноги номинации, вклучувајќи за најдобар актер, која му припадна на Марк Руфал.
Покрај споменатите актери, наградата за најдобар актер во категоријата драми им се насмевнува и на Брајан Кренстон, Џеф Данијелс, Џон Хам и Кевин Спејси, а во категоријата комедии на Рики Жерв, Дон Чидл, Вилијам Мејси, Џим Парсонс и на Мет Лебланк.
Кај жените во драмска категорија ќе се натпреваруваат Клер Дејнс, Џулијана Маргулис, Кери Вашингтон, Робин Врајт, Мишел Докери и Лизи Каплан, а во хумористичките серии Лена Данхем, Мелиса Мекарти, Еди Фалко, Тејлор Шилинг, Ејми Пелер и Џулија Луис – Дрејфус.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


