| четврток, 6 декември 2018 |

Апостоли на Словените – двајца браќа, една животна мисија – филм за св. Кирил и Методиј

apostoli

Чешкиот историски филм посветен на светите браќа Кирил и Методиј имаше македонска премиера во Охрид во рамките на манифестацијата „Охридско лето“ и чествувањето на патронот на градот – свети Климент.
На промоцијата на филмот под наслов „Апостоли на Словените – двајца браќа една животна мисија“ во Охрид присуствуваше и продуцентот на филмот, Виктор Криштоф, кој рече дека овој проект е создаден преку макотрпна работа и собирање податоци за дејствувањето и за мисијата на Кирил и Методиј.

– Се работеше макотрпно бидејќи станува збор за еден долг временски период од 1.150 години, кога дејствувале двајцата просветители. Се консултираа археолози и други компетентни луѓе, кои имаат на располагање податоци за тоа време, до кои дошле преку истражувања – истакна продуцентот Криштоф.

apostoli1

Со овој настан, фестивалот „Охридско лето“ и Општина Охрид и годинава заеднички го одбележуваат големиот празник Свети Климент Охридски и Свети Пантелејмон.

Македонската премиера на филмот за светите Кирил и Методиј, на фестивалската програма на „Охридско лето“ се случи благодарение на Јован Буџакоски и на Александар Глигуроски, охриѓани што веќе 15 години успешно ја водат фирмата „Буџак“ во Прага, Чешка. Според нив, Охрид е единственото место што заслужува прикажување на овој филм, а овој голем празник за градот е најсоодветен термин охриѓани и гостите да го видат за првпат.

apostoli2

Кога го видовме филмот на телевизија воопшто не се двоумевме дека треба да го донесеме во Македонија за да го види и почувствува овдешната публика, целиот македонски народ. Направивме напори со колегата Александар Глигуроски да го преведеме и потоа да бидеме спонзори на „Охридско лето“ за во негови рамките да се случи и оваа промоција за која влезот за сите посетители е слободен – вели Јован Буџакоски.

Новиот историски филм за светите браќа Кирил и Методиј, на чешкиот режисер Петар Николаев, а во продукција на Виктор Криштоф, е снимен по повод 1.150-годишнината од почетокот на мисијата на Кирил и Методиј и се занимава со прикажување на нивните дела во ширењето на словенската писменост.

apostoli3

Според директорката на „Охридско лето“, Елизабета Јанкуловска, меѓусебната соработка меѓу Националната установа „Охридско лето“ и Општина Охрид во голема мера придонесува кон подигнување на степенот на културен развој на Охрид преку одржување на високото реноме на Фестивалот „Охридско лето“, кое го има на светската уметничка сцена, заложба за уште поголеми дострели во културата и реализирање квалитетни настани. Со тоа Установата и Општината ќе го оправдаат епитетот на градот- најголемиот културен и духовен центар во Македонија – смета Јанкуловска.

– „Охридско лето“ како водечка манифестација на културната и уметничка сцена, каде што се врежани имињата на најславните светски уметнички имиња, е брендот на Охрид, градот што претставува културен, духовен и туристички центар на Македонија – додава Елизабета Јанкуловска.

apostoli5

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески вели дека Охрид, градот на УНЕСКО, и Фестивалот „Охридско лето“ се обележје на културниот идентитет на најдоброто творештво на меѓународно ниво и затоа соработката ќе продолжи и во иднина.

Со воспоставувањето една ваква соработка и координација меѓу локалната самоуправа во Охрид и НУ „Охридско лето“ ќе се реализираат уште многу нови проекти од областа на културата со што ќе се направи еден силен чекор напред на културен план – вели Бакрачески.

apostoli4

Заедничката прослава на Општина Охрид и на Националната установа „Охридско лето“ – Охрид на Св.Климент Охридски, еден од најголемите и најзначајните празници за Охрид и за неговите жители, на 8 август, веќе станува традиција. Токму на тој ден минатата година се одржа концертот на Антички театар на етногрупата „Љубојна“ со новиот проект „Љубојна брас фантази“, кој беше најпосетениот настан и кој предизвика позитивни реакции во јавноста.

(Пишува: Невена Поповска

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top