Втората светска војна во Кралството Југославија почнала во април 1941 година, кога било нападнато од силите на oската. Југославија претрпела воен пораз, по што била окупирана и поделена.
Од воените дејства во текот на Априлската војна не бил одминат ниту делот на Македонија во рамките на Кралството Југославија, кој претставувал значајно географско и стратегиско подрачје. Германската војска во Македонија навлегла од страна на Бугарија, а италијанските воени единици навлегле од Албанија, која веќе се наоѓала под италијанска власт. На 13 април 1941 година, Кичево, како последен град во Македонија, бил освоен од германската војска. На територијата на Македонија окупациски режими воспоставиле Италија и Бугарија, односно, Бугарија го окупирала поголемиот дел, додека Италија го окупирала западниот дел со градовите Тетово, Гостивар, Дебар, Кичево и Струга, и јужниот дел од Преспа.
Воспоставената окупација за окупаторите значело исполнување на нивните големодржавни претензии, а за македонскиот народ тоа претставувало негово повторно национално потчинување и обезличување. Во таквите новонастанати воено-политички околности, во услови кога не постоеле други организирани сили што би ги поддржале македонските националноослободителни стремежи, единствената политичка сила што го истакнала ослободувањето на македонскиот народ била илегалната Комунистичка партија на Југославија (КПЈ) и во нејзините рамки Покраинскиот комитет (ПК) на КПЈ за Македонија, т.е. Комунистичката партија на Македонија (КПМ). Нивниот повик за борба против окупаторите, а за национално ослободување и формирање на македонска држава, наишол на позитивен прием кај македонскиот народ.
Организираните сили предводени од комунистичката партиска организација, уште од првите денови по влегувањето на германските и на бугарските војски во Македонија во 1941 година, со разновиден отпор му ставиле до знаење на окупаторот дека нема да се помират со новата ситуација во Македонија. Во таа насока биле преземени и остварени разни акции – саботажи, демонстрации, вооружени судири и друго. Кон крајот на јуни 1941 година, при ПК на КПЈ за Македонија била формирана Воена комисија, која имала задача да работи на подготовки за формирање партизански одреди за вооружен отпор против окупаторите. На 22 август 1941 година бил формиран Првиот скопски партизански одред, додека Воената комисија во септември прераснала во Покраински воен штаб на Македонија. Биле формирани Прилепскиот, Карадачкиот и Козјачкиот партизански одред. И покрај излегувањето на теренот на партизанските одреди, тие не постигнале значајни воени успеси. Одредите не дејствувале долго време и не успеале да се одржат кон крајот на 1941 година. Карадачкиот и Козјачкиот одред биле разбиени од бугарските окупаторски сили, а Скопскиот одред бил расформиран во почетокот на ноември, додека Прилепскиот, по двомесечното дејствување, кон средината на декември бил расформиран.
Следната 1942 година, ПК на КПЈ за Македонија и Покраинскиот воен штаб (кој во јуни бил преименуван во Главен штаб на Народноослободителните партизански одреди на Македонија) засилено работеле на зацврстување и на бројчено зголемување на партизанските одреди и насочување на нивното дејство. Заради спроведувањето на таа цел, како и за раководење на партизанските одреди на теренот Велес – Прилеп – Крушево – Битола – Ресен, бил формиран Оперативен штаб. Подготовките биле насочени кон испитување на планинските краеви, кои требало да служат како бази на одредите, создавање органи на борбата во селата и пренесување храна и оружје во базите или селата. Во периодот од април до јули 1942 година биле формирани шест партизански одреди кај Битола, Преспа, Прилеп, Велес, Скопје и Крушево. Од јули истата година, одредите почнале засилени вооружени акции врз значајните окупаторски објекти и притоа не го запоставиле ниту политичкото дејствување. Поради дејствата на партизанските одреди, во периодот од август 1942 година до јануари 1943 година бугарската окупаторска власт почнала операции за нивно уништување и за запирање на натамошниот развој на Народноослободителното движење (НОД) на Македонија.
Во текот на 1943 година, особено од средината на оваа година, настанале големи промени во интензитетот и во развојот на Народноослободителната борба (НОБ), која бележела постојан пораст. На 19 март 1943 година била формирана КПМ како водечка сила во националноослободителната борба на македонскиот народ. Биле формирани пет обласни комитети на КПМ, биле создадени помногубројни партизански одреди и покрупни воени единици, а за полесно раководење со вооружената ослободителна борба, територијата на Македонија била поделена на пет оперативни зони.
Симболизирајќи ја четириесетгодишнината од Илинденското востание (1903), на 2 август 1943 година бил одржан Преспанскиот состанок на Централниот комитет (ЦК) на КПМ на кој се расправало за прашања од воен и политички карактер и биле донесени решенија за натамошниот тек на НОБ на Македонија. Падот на италијанската влада во јули 1943 година бил оценет како настан по кој би можело да се очекува капитулација на Италија и прилив на нови борци. Меѓу најзначајните решенија биле тие за создавање поголеми воени единици на НОБ, кои би биле способни воено да дејствуваат на поширок простор, и почнување подготовки за организирање антифашистичко собрание.
По капитулацијата на Италија во септември 1943 година, била создадена слободна територија во Западна Македонија и тој простор во наредниот период станал центарот на НОБ и најголемата слободна територија. Таа ги зафаќала деловите од околиите Галичка, Дебарска, Кичевска, Струшка, Мавровска и Дебарца, со два слободни града: Кичево и Дебар. На слободната територија била воспоставена власт на НОД на Македонија што претставувало настан од исклучително значење. Во октомври 1943 година, на планината Караорман (с. Црвена Вода, Дебарца), Главниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди (НОВ и ПО) на Македонија објавил Манифест, кој претставувал прв јавен програмски документ во кој биле изнесени целите и карактерот на македонското националноослободително движење.
Постоењето на слободната територија условило преземање мерки што оделе во правецот за свикување на антифашистичкото собрание. Префрлувањето на лицата предвидени за учество на ова собрание од делот на Македонија под бугарска окупација почнало уште во летото преку каналот Скопје – Тетово – Гостивар. Меѓутоа, откако капитулирала Италија, поради почнатата акција за концентрација на германскиот окупатор на таа релација, овој канал бил несигурен. Затоа, со големи усилби, се настојувало да се создадат нови и повеќе канали на релација Охрид – Струга и Прилеп – Кичево, со цел побезбедно и редовно префрлување на лицата на слободната територија.
Во ноември 1943 година, во с. Црвена Вода, бил формиран Иницијативен одбор за свикување на Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), кој добил задача да го подготви одржувањето на Првото заседание на АСНОМ, на кое требало да се донесе решение за државно-правниот статус на Македонија. За претседател на 
Иницијативниот одбор бил поставен Методија Андонов-Ченто, за секретар Страхил Гигов, а членови биле Михаило Апостолски, Цветко Узуновски, Борко Темелковски и Венко Марковски.
Прогласувањето на македонската држава требало да претставува потврдување на одлуките од Второто заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Југославија (АВНОЈ) за изградба на Југославија како држава на федеративен принцип. Со одлуките од ова Заседание, кое било одржано во Јајце (Босна и Херцеговина), во ноември 1943 година, Македонија била прокламирана како слободна и рамноправна федерална единица со другите единици во нова Југославија и на Македонците им била признаена националната посебност. Со овие решенија ѝ бил ставен крај на српската доминација во Македонија за време на Кралството на Србите, Хрватите и на Словенците/Југославија кога не било признаено постоењето на македонскиот идентитет. Решенијата од Второто заседание на АВНОЈ биле прифатливи и биле прифатени од НОД на Македонија бидејќи раководството на НОД на Југославија сметало на Македонија како на држава-членка на идната повоена југословенска федерација. Одлуките од Второто заседание на АВНОЈ го втемелиле идниот статус на македонската држава што значело стабилно поставување на македонскиот ентитет во југословенски рамки, а со тоа и негово експонирање на меѓународен план. Решенијата од Второто заседание на АВНОЈ претставувале вистинска основа за формирање македонска држава и послужиле како основа за одржување на Првото заседание на АСНОМ и за подготвување и за донесување на неговите документи.
И покрај тоа што било планирано Првото заседание на АСНОМ да се организира и одржи на слободната територија во Западна Македонија во пролетта 1944 година, со оглед на преземената германската офанзива против слободната територија, било попречено натамошното прифаќање на делегатите за АСНОМ. Поради тоа, во декември 1943 година, Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија, заедно со ЦК на КПМ, Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, Првата македонско-косовска народноослободителна ударна бригада и баталјонот „Стив Наумов“, ја напуштиле слободната територија во Западна Македонија и преку Галичица и Преспанското Езеро, борбените дејства ги пренеле во областа Меглен, во егејскиот дел на Македонија. Непријателската офанзива довела до промена на времето и местото на одржувањето на АСНОМ. Неговото одржување повторно било актуализирано со создавањето на нови слободни територии во пролетта 1944 година, пред сè на Козјачкиот Масив.
(Продолжува)
(Пишува: д-р Александар Симоновски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


