| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија – комплетна туристичка приказна

Two gulls are standing on the litle fishermans bridge on the Dojrans lake

Македонија ги има сите предуслови да прерасне во комплетна туристичка приказна, земја која на странските посетители ќе им понуди уникатно и несекојдневно доживување. За жал, големиот туристички потенцијал се уште не е целосно искористен. Тоа е пораката и од генералниот секретар на Светската туристичка организација на ОН, Талеб Рифаи.

„Најважен предизвик пред Македонија е промоцијата. Треба да се дознае за неа. Секако, понудата треба да се подобри, а производот да се развива, но пред сè, светот мора да ја чуе пораката – Дојдете во Македонија“ – смета Рифаи.

Се чини дека Раифи е во право. Езерски, селски, планински, спа, археолошки, вински, екстремен туризам…. Листата е речиси бесконечна. Потребна е добро осмислена стратегија која од земјава ќе направи атрактивна туристичка дестинација, препознатлива на светската патувачка мапа. Лидер ве носи на најатрактивните места кои вреди да се посетат.

Охрид – древниот град под заштита на Унеско

Кога се работи за класичниот туризам, Охрид е број еден дестинација за посета. Градот се наметна кај странските туристи, пред сè кај оние кои доаѓаат од земјите на Бенелукс, Финска, Полска, Русија, Турција, но и од соседните земји. Културен, духовен и туристички центар на земјава кој плени со својата убавина, вистинска крстосница на Балканот, од 1980 година ставен под заштита на УНЕСКО. Со кристално чисто езеро, Самоиловата тврдина, Плаошник, со црквата Св. Јован – Канео, изградена во 13 век, која важи за една од најфотографираните цркви во светот, со Света Софија, Стариот град и Античкиот тетар, со Чинарот стар меѓу 800 и 900 години, Охрид дефинитивно е број еден место за посета. Градот изминативе години има проблем да ги врати и да ги задржи домашните туристи, иако кај странците бележи континуиран раст. Во очекување на крајот на оваа сезона, по што ќе ги сумираме резултатите, ќе ја анализираме ланската статистика. Најбројни биле Турците. Имало 18 илјади посетители, кои оствариле близу 33 илјади ноќевања. По бројот на реализирани ноќевања лидери се Холанѓаните. 13 илјади туристи оствариле 80 илјади ноќевања.

licovski

Македонија има што да им понуди на љубителите на класичниот летен туризам. Преспа на големо се враќа на туристичката мапа, со убавите песочни плажи, ниски цени, недопрена природа, вистински рај за еко – туризам. Струга се повеќе му станува директна конкуренција на Охрид, а Дојран покажа дека инвестициите во инфраструктурата, во уредувањето на плажите, категоризацијата на хотелите и љубезноста резултураат со зголемен број на гости. Дојран годинава бележи една од најуспешните туристички сезони.

По патот на водата

Смоларскиот, Колешинскиот и Габровскиот водопад се адутите на Струмица во трката по туристи. Мештаните велат – за да се ужива во оваа убавина потребни се неколку дена. Со височина од 39,5 метри, Смоларскиот е највисок водопад во земјава и нуди назаборавна авантура.

vodopad kolesino На другата страна од земјава се наоѓа Дуфскиот водопад, во близина на селото Ростуше. Висок е 28 метри, а до него води обележана патека.  Уште една хит дестинација е Вевчани, кое важи за држава во држава. Вевчанските извори ќе ви ги разбудат сетилата и ќе ви ја растреперат душата. Патот до изворите е уреден со патеки и мали мостови и нуди несекојдневно доживување.

Скопје – метропола за сечиј вкус

Скопје во јуни го посетиле 22.541 туристи, од кои речиси 21 илјада биле од странство. Вкупно биле реализирани 38.430 ноќевања. Македонскиот главен град со својата богата историја, ноќниот живот, со Старата чаршија како жив сведок на мултикултурализмот, со старите занаети, но и со проектот „Скопје 2014“ полека го завзема приматот од Охрид како најпосетена туристичка дестинација. На помалку од 20 километри, по долината на Треска, се наоѓа Кањонот Матка. Високите карпи, мистичните пештери, богатата флора и фауна, вештачкото езеро, се вистинско прибежиште од врелиот асфалт и брзото темпо на живот. Со Водно, Аквадуктот, бројните музеи кои ја раскажуваат целата историја, со црквите и џамиите како духовни храмови, со рестораните и кафулиња, но и традиционални кафеани кои ви нудат вкус на традицијата, Скопје е уште дестинација која за кратко време ќе ве маѓепса и во која ќе посакате повторно да се вратите.
Македонија – хит за планински туризам.

turisti-na-tocak-na-plostad-skopje-740x320-top

Сместена меѓу Охридското и Преспанското езеро, со својата специфична местоположба, природните убавини и карактеристичниот растителен и животински свет, Галичица е атрактивна дестинација за планински туризам. Поголем дел од планината е прогласен за национален парк. Локалните власти, од година во година, регистрираат зголемен број на посетители, кои доаѓаат буквално од сите краеви. Дополнителен плус е фактот што има мапирани и обележани пешачки и велосипедски патеки, а оваа дестинација е често посетувана и од страна на параглајдеристите. Уште една планина која плени со својата убавина е Бистра, сместена во централниот дел од Западна Македонија, на надморска висина од 2.163 метри. Освен двата највисоки врвови, Меденица и Карбула, Марвовското езеро и преубавата Радика, Бистра ви нуди прекрасен преглед на Реканскиот крај. Идеална за скијање, планинарење, алпинизам, планински велосипедизам, параглајдерство, риболов е и Шара, уште еден горд репрезент на домашниот туризам. На околу 200 километри од Скопје и 130 од Солун, Кожуф изминативе години прерасна во атрактивен ски – центар кој располага со најсовремена опрема и можност за вештачки снег. Низа дестинации кои Македонија високо ја позиционираат на мапата за планински и ски туризам. Имаме адути и за љубителите на параглајдеството, падобранството, за низа воздухопловни спортови. Како најатрактивни локации за слободно летање се избрани: Крушево, Галичица, Трескавец и Попова Шапка.

Археолошки туризам – гранка со огромен потенцијал

Стоби е еден од најатрактивните антички градови во земјава, место каде во древните времиња се вкрстувале најважните патишта. Локалитетот се наоѓа на 3 километри од излезот на автопатот Е-75 кај Градско, нуди незаборавно археолошко патешествие, со еден од најпознатите мозаици во Македонија и паунот кој се наоѓа на банкнотата од 10 денари, со предмети кои сведочат за богатото римско наследство, но и такво кои датираат од архајскиот период, со керамички наоди од неолитското и железното време.

kokino

Уште една наша археолошка и цивилизациска гордост е Хераклеа Линкестис кај Битола, која се поврзува со Филип II Македонски. Доколку сакате уште подлабоко да пропатување низ историјата, Кокино е вистинското место. Мегалитска опсерваторија каде во праисторијата се одржувале разни ритуали, се следело движењето на Сонцето и Месечината, се мерело времето. Кокино е рангирано на четвртото место на листата најстари опсерватории во светот.

Сè повеќе туристи ја посетуваат Македонија

Според последните податоци на Државниот завод за статистика, во првата половина од годинава, споредено со истиот период лани, бројот на туристи е зголемен за 6,1%. Кај домашните има зголемување од 5,2%, а кај странските од 6,5%. Зголемување има и кај бројот на ноќевања од 4,5%, од кои кај домашните за 1,4%, а кај странските за 6,8%.

Извор: Лидер

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top