Ако се пресмета македонскиот буџет за воени потреби, односите со соседите и процентот на население што е во затвор, Македонија е некаде на средината на листата од сите земји на светот според потенцијалот да влезе во војна или долготрајно да живее во мир.
Оптимистите би рекле дека македонската чаша e до половина полна со мир и затоа земјата е стабилна, мирољубиваи без големи шанси наскоро да влезе во каков било посериозен конфликт. Песимистите што гледаат дека чашата е полупразна сметаат дека втората половина од мирот што недостига е доволна причина земјата да биде загрижена дека лесно може да биде вовлечена во конфликт во кој би можело да има жртви и разорувања.
Најмирни земји (индексни поени)
- Исланд 1,189
- Данска 1,193
- Австрија 1,200
- Нов Зеланд 1,236
- Швајцарија 1,258
- Финска 1,297
- Канада 1,306
- Јапонија 1,316
- Белгија 1,354
- Норвешка 1,371
Ако се анализира извештајот подготвен од Институт за економија и за мир објавен пред една недела во кој се опфатени 162 земји или 99,6 проценти од светското население, може да се заклучат многу различни работи. Според анализата на оваа непрофитна организација, која преку комплексен сет на показатели ги мери отсуството на насилство и на политичка нестабилност, Македонија е на средината на светската мапа за мир. Земјава е позиционирана на 87. место со 2,056 индексни поени.
ИЕМ ги истражува неоткриените релации
Институтот за економија и за мир е независна, непрофитна организација посветена на трансформирање на светскиот фокус кон мирот преку позитивни, остварливи и мерливи мерки со цел благосостојба и прогрес. ИЕМ своите цели, меѓу другото, ги остварува преку давање мерливи параметри преку кои може да се измери цената на мирот и на војната. ИЕМ ги истражува неоткриените релации меѓу бизнисот, мирот и просперитетот и работи на промоција на културни, економски и на политички фактори што го креираат мирот. Има канцеларии во Сиднеј, Њујорк и во Оксфорд, а нејзините истражувања и извештаи ги користат агенциите на Обединетите нации, владини и невладини организации, како и деловната заедница. Глобалниот мировен индекс е основан е од австралискиот филантроп Стив Килелеа. Соработува со единицата за истражување на весникот „Економист“, а показателите што најдобро го одразуваат нивото на мирот со секоја земја ги селектира меѓународен панел на стручни лица.
Ако бараме утеха, пред нас, на 86. место е земја што е членка на ЕУ и на НАТО и земја со која имаме поголем проблем од сите земји на светот. Сепак, главната причина зошто двете земји се на овие навидум лоши позиции не е само спорот за името туку и низа други фактори. Кај Грција, покрај внатрешниот политички конфликт околу мерките за штедење, предвид е земен и спорот со Турција, кипарското прашање, нерешените внатрешни незадоволства на малцинствата (посебно правата на Турците), додека кај Македонија, покрај односите со соседите и невработеноста, пресметана е и извесна доза на верски и на етнички моменти (со албанската заедница). Уште поголема утеха може да ни биде фактот што на оваа листа 14 места зад нас се суперсилата САД за кои на прв поглед би помислиле дека се најбезбедната земја на светот, особено кога се на своја територија.
Најмалку мирољубиви земји
- Сирија 3,65
- Авганистан 3,416
- Јужен Судан 3,397
- Ирак 3,377
- Сомалија 3,368
- Судан 3,362
- Централна Африканската Република 3,331
- Демократска Република Конго 3,213
- Пакистан 3,107
- Северна Кореја 3,071
Од соседите, Косово и Албанија се на 64., односно 65. Место, додека Србија и Бугарија се на 52. место, односно на 32. место. Од земјите со кои можеме да направиме некакви споредби во смисла на географска позиција Турција е, во негативна смисла, на високото 128. место.
Според извештајот, Македонија за воени потреби троши 685 долари по жител, а за искоренување на насилството 325 американски долари, што претставува 3,1 процент од националниот буџет.
Состојбата е многу поцрна ако се анализира само европскиот континент, каде што Македонија е 35., или претпоследна од рангираните земји, зад нас е само Турција.
Најопасни и најстабилни земји
Според годинешниот извештај во горниот дел од мапата на мирот се наоѓаат седум европски земји: Исланд, Данска, Австрија, Швајцарија, Финска, Белгија и Норвешка. Во првата десетка земји каде што мирот сѐ уште има поголема шанса од војната се уште Јапонија, Нов Зеланд и Канада. На чело на листата на земји каде што војната е реалност се Украина, Јужен Судан, Сирија, Авганистан, Ирак, Филипини и Либија. Извештајот е направен пред почетокот на воените дејства во Газа и затоа Израел и Палестина не се на оваа листа.
Без трошоците за борбите во Газа, само во 2013 година, за да се зачува мирот или за да се отстранат последиците од насилството се потрошени фантастични 9,8 трилиони американски долари (или еден милион милиони долари) или попластично кажано повеќе од една десеттина од глобалниот бруто-производ.
Тоа што е оптимистичко е што разликата меѓу нас и, на пример, една од водечките европски држави Франција е нецели 0,2 проценти, како и фактот што во истражувањето не се влезени многу параметри, кои не можат да се измерат. Меѓу нив се, на пример, политичката култура, историјата на насилство, начините на разрешување на претходните конфликти, како и поврзаноста на потенцијалот за конфликт со процесите како што се евроинтеграцијата во нашиот случај. Пристапот на државите до меѓународни пазари на оружје и до средства за набавка на оружје, како и поседувањето оружје од страна на индивидуални граѓани и групи можат да бидат сериозни показатели за потенцијалот на една земја да го сочува или да го загуби мирот. Во случајот со Македонија, една од главните причини за „златната средина“ со која не можеме да се гордееме, реално, се односите со соседите. При тоа не се оценува само поведението и јавната политика во земјава, туку и заканите, воениот потенцијал и нивото на агресивност што постои во Грција, Бугарија, Албанија, Косово и во Србија.
(Пишува: Горан Момироски
Текст објавен во 102. број на неделникот „Република“, 15.08.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.