| четврток, 6 декември 2018 |

ЕУ бара фабричките податоци за потрошувачката на возилата да бидат реални

бензинПотрошувачите се чувствуваат измамени, откако ќе сфатат дека новиот автомобил во пракса не може да ја постигне потрошувачката што производителот ја наведува во спецификациите. Европската унија во моментот подготвува закон кој ќе ги натера автомобилските компании да ги спроведуваат тестовите за потрошувачката и емисијата на C02 во реални услови.

Целта на новата регулатива е да се оневозможат компаниите да ги користат дупките во постоечкиот закон и со посебно подготвените автомобили да добијат подобри резултати од реалните.

Европската комисија во 2013 година спроведе истражување кое покажа дека производителите на автомобили користат разни трикови за да добијат помали вредности на потрошувачката и емисијата на штетни гасови.

Во извештајот се посочува дека со посебните подготовки на автомобилите пред тестовите, производителите успеваат да покажат и до 11 проценти помали вредности од реалните.

Од друга страна, производителите на автомобили се жалат дека се соочуваат со огромниот предизвик да ги задоволат стандардите за емисија на штетни гасови, според кои во следната деценија тие треба да бидат околу 95 г/км по автомобил.

Очекувањата се дека поради тоа автомобилските компании ќе го забавуваат донесувањето на новиот закон, кој би ги принудил да ги спроведуваат тестирањата во реални услови, а претпоставките се дека ќе се противат и на построгите ограничувања што ЕУ ги најавува за 2025 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top