Министерот за надворешни работи на Турција, Ахмед Давутоглу е предложен за нов лидер на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) и за нов премиер, соопшти денеска новоизбраниот турски претседател и актуелен прв чoвек на Владата во Анкара, Реџеп Тајип Ердоган.
По денешното заседание на Централниот извршен совет на АКП, Ердоган нагласи дека за изборот на Давутоглу за нов партиски лидер ќе се изјаснат делегатите на Конгресот на партијата, закажан за 27 август, еден ден пред неговото официјално стапување на претседателската функција.
Ердоган, кој беше досегашен претседател на АКП, истакна дека новиот партиски лидер ќе биде и нов премиер на Турција.
Тој вети дека како шеф на државата ќе го поддржи 55-годишниот Давутоглу во борбата против структурите на „паралелната држава“, кои, според него, се одговорни за заговор против Владата, како и во спроведувањето на мировниот процес со курдското малцинство.
Ердоган најави и дека еден од приоритетите на идната влада на Давутоглу ќе биде донесување на нов Устав на Турција. Според аналитичарите, целта на донесувањето новиот устав ќе биде зголемување на ингеренциите на шефот на државата на сметка на премиерот и владата.
Давутоглу, кој е шеф на турската дипломатија од 2009 годна, важи за близок соработник на Ердоган и за творец на новата надворешна политика на Турција, која некои негови критичари ја оценуваат како „неоосманлиска“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


