| четврток, 6 декември 2018 |

Заев ја објави стратегијата на четири столба

Liderska sredba zaev - gruevski 2014 (12) (Custom)

-СДСМ од денеска почнува да работи на реализација на новата Стратегија за политичко делување, што беше усвоена на вчерашната седница на Централниот одбор -изјави денеска лидерот на СДСМ, Зоран Заев, откако на синоќешниот Централен Одбор, како што вели, едногласно биле усвоени конкретни насоки за дејствување на СДСМ.

Тој нагласи дека денеска го објавува важниот чекор: максимална посветеност за реализација на утврдените насоки.

– Стратегијата се базирана 4 столба: Прво, СДСМ ќе биде постојано со граѓаните. Ова не е кампања. Таму е местото на СДСМ. До граѓаните. Столбот носи наслов „Работиме заедно“. Затоа што интензивно ќе работиме заедно. Тоа ќе биде партнерски однос на слушање на потребите и проблемите и заедничко дефинирање реални и прифатливи решенија. Овој столб ќе биде коренита промена во однос на тековното функционирање на опозицијата. Над 5 000 тимови ќе бидат во контакт со секое семејство во државата. На луѓето ќе им понудиме шанса да кажат што мислат и тие да влијаат на она што и се случува на Македонија. Во Македонија мора да го вратиме правилото дека навистина сѐ зависи од граѓаните. И дека задачата на политичарите не е да диктираат, туку да слушаат и да служат, да ги решаваат нивните проблеми, а не своите.

Второ, власта ќе биде е ставена под сериозна лупа на СДСМ. Ние и досега откривме бројни корупциски афери, врзани за највисокиот врв на власта, што донесоа до рекорден долг на државата и незапаматена сиромаштија. За вакви случаи, во секоја нормална држава паѓаат влади. Но, Македонија одамна не е тоа. Ова е столб на “Чесна понуда.“ Од овој момент, секое министертство, орган, институција, на централно и на локално ниво ќе бидат следени во секоја одлука што се однесува на животот на граѓаните на Македонија, а лошите и штетни политики ќе бидат корегирани со спротивставување на сериозна, квалитетна, реална и видлива алтернатива.  За таа цел започнуваме со формирање Централен систем на комисии. Тие ќе бидат пандан на владината министерска структура. Над 1 000 стручни екипи, со авторитет и одговорност, на граѓаните ќе им ја приближат визијата за поинаква Македонија: држава на сите и за сите, држава со еднакви шанси, држава на достоинствен животен стандард и посилна економија.

Третиот и четвртиот столб од Стратегијата се: “Силна СДСМ“ и “Партнерства за демократска Македонија“ на коишто партијата веќе работи  – нагласи Заев.

Тој додаде дека опозицијата ќе продолжи да се бори за „враќање на македонската демократија“, преку нивното отсуство од Собранието на Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top