| четврток, 6 декември 2018 |

Посетени 6898 граѓани во руралните средини, се остварува нивното право на социјална заштита

Dime-Spasov-int95-2
Голем интерес и успех бележи проектот на Министерството за труд и социјална политика насловен како „Отворени социјални денови во руралните средини“.

Со овој проект се овозможи стручни тимови да допрат до граѓаните кои живеат во поодалечените населени места во руралните средини, кои можеби поради најразлични причини досега не стигнале до одредена парична помош и парично право и услуга од системот на социјална и детска заштита.

Министерот Диме Спасов информира дека завршија првите две етапи и дека во прва фаза се посетени 662 населени места, а во втората фаза биле посетени 480 населени места во 74 општини ширум Македонија.

-На информативните разговори за правата и услугите од социјална заштита како и давање информации за услуга кои се обезбедуваат од други институции беа опфатени и посетени 6898 граѓани. Од нив 467 граѓани веќе остварија право на социјална заштита, остварија редовна финансиска помош, добија соодветна услуга која ќе им помогне да го надминат ризикот со кој се соочуваат. Токму ова е показател за успешноста на проектот, да се помогне на голем број на граѓани на кои им следува помош согласно закон, а досега не ја остварувале, истакна министерот.

Спасов најави дека следува продолжување на проектот, од месец септември. Ќе се посетат нови рурални средини и повторно ќе се посетат оние каде има потреба.

-Продолжуваме со превземање на мерки и активности на социјална превенција во насока на спречување ризици, рано откривање и ран третман на граѓанинот изложен на социјален ризик, како и воспоставување координирана соработка меѓу општините и центрите за социјална работа во поглед на поголема достапност на системот на социјална заштита, истакна министерот Спасов.

МТСП и натаму ќе биде посветено на изнаоѓање различни форми и начини преку кои ќе се доближи до граѓаните и ќе ги решава нивните проблеми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top