
„Изолација“, „закрепнување“, „самоувереност“ се различни зборови кои ги користи политичката и бизнис елита во Москва за да означи едно исто нешто. Исправена пред меѓународните санкции заради поддршката на бунтовниците во источна Украина, а пред тоа и заради анексијата на Крим, Русија сега се подготвува да се затвори во себе. Таа се подготвува за долг период на дипломатска изолација и економски тешкотии.
Изгледа дека тој процес се забрзува. На 6 август, Кремљ одговори на притисокот на западот, објавувајќи дека ќе забрани или ограничи увоз на земјоделски производи од држави кои вовеле санкции кон Русија. Затегнатоста во Источна Украина расте. Украинските сили на терен го отсекоа бунтовничкиот бастион Доњецк преку чест и жесток артителиски оган. Ако Доњецк падне, проруските бунтовници ќе го загубат своето влијание.
Путин може да се обиде да го спаси својот авторитет ако таму испрати руски војници под изговор за „хуманитарна“ операција. Според НАТО, на границата се стационирани 20.000 руски војници. Тие спроведуваат воена вежба вклучувајќи и офанзивни и бомбардирски маневри, како да навестуваат инвазија. Дури и војската да не ја премине границата, конфронтацијата помеѓу Русија и Запад изгледа ќе продолжи за време на целиот мандат на претседателот Владимир Путин, а можеби и по тоа.
Засилувајќи ја својата поддршка на бунтовниците по паѓањето на малезискиот авион минатиот месец, Путин покажа дека повеќе стои на своето мислење за историската судбина на Русија отколку за економската благосостојба на својата земја и за нејзината репутација пред светот. Тој ризикува да ја врати земјата во времето на светскиот поредок по Студената војна, а народот од тоа ќе има корист и ќе се компезнира падот на животниот стандард.
Да се мисли за Путин како за „меркантилен“ човек е грешка, вели еден пратеник во Руската дума од прокремљинската партија Единствена Русија. Тој повеќе е како „историска фигура“, решен да ја претвори Русија самостоен центар на власта. Минатиот месец, Путин пред својот совет за безбедност рече дека „Русија за среќа, не е член на никаков сојуз“, што според него би било „гаранција за суверенитетот на земјата“.
Новиот антагонизам помеѓу Русија и западот нема да биде битка за мерење на силите. Прво затоа што денешна Русија не располага со атрактивност надвор од нејзините граници и со идеологија. Во интервју за Економист минатиот месец, американскиот претседател Барак Обама рече дека ситуацијата која ја предизвикува Русија е „во пракса регионална“.
Кремљ гордо тврди дека е способен да ги замени странските стоки и услуги со домашни, на пример со високотехнолошки делови за својата воена опременост. Замената на увозот може да функционира, ако производителите работат под силна пареа и немаат потреба од нови инвестиции, кои се повеќе се намалуваат, па од тука и странското финансирање се намалува. Резервниот фонд на Русија изнесува 173 милијарди долари, и беше натрупан во текот на годините на изобилна заработувачка од продажбата на нафта, но ќе биде намален за да се стабилизира рубљата и да се покријат задолженијата кон државните банки и фирми. „Тоа нема да не убие, но ќе ни создаде проблеми“, вели пратеникот од Единствена Русија.
Путин ќе треба да ги мобилизира финансиските ресурси на земјата до крајност, ако сака да ги исполни ветувањата за социјални расходи, кои ги даде по враќањето на претседателската позиција во мај 2012 година. (Тогаш Русија прогнозираше раст на БДП од пет проценти годипно, а сега ММФ предвидува раст од 0,2 проценти за тековната година). Путин веќе предложи да се воведе данок на сите продажби во висина од три проценти, како начин на пополнување на дупките во регионалните буџети.
Владата исто така објави дека ќе ги префрли внесовите од приватните пензиски фондови кон федералниот буџет, што го натера заменик-министерот за економски развој да изјави дека ќе се срами од таквата постапка. Уште следниот ден тој беше сменет.
Посебни проблеми се уште не го засегнале Путин. Во пракса, тој е попопуларен од кога било досега, а неговиот пропаганден апарат се покажува високо ефикасен. Испитувањето на јавното мислење од минатата недела, кое го направи московскиот тинк-тенк Левада-центар, покажува дека 74 проценти од Русите имаат негативно мислење за Америка – тоа е највисок негативен процент во историјата на Русија. Конфронтацијата со западот заради Украина даде можност за „силно ослободување на фрустрациите“ кои се натрупуваа со години по распаѓањето на Советскиот Сојуз, вели директорот на Левада-центар, Лев Гудков. А сега кога Путин знае дека односите со западот и така се влошени, тој можеби повторно е подготвен да ги поведе масите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


