| четврток, 6 декември 2018 |

Хјуман рајтс воч: „Златна зора“ одработува за Русија

zlatna zoraАмериканската невладина организација Хјуман рајтс воч (ХРВ) објави извештај за ширењето на неонацизмот во Грција и Унгарија.

Во документот под наслов „Не сме нацисти, но…“, организацијата врз основа на факти и сведочења го опишува напредокот на „Златна зора“ во Грција и неонацистичката формација „Јобик“ во Унгарија. ХРВ предупредува дека двете нео-нацистички организации добиваат поддршка од Русија, за да ги застапуваат руските интереси кон Европската Унија и НАТО – да ја држат ЕУ слаба и поделена, и да спречат проширување на НАТО сојузот. ХРВ посочува на омразата на грчките нео-нацисти насочена и кон Македонија.

– „Златна зора“ го искористи остриот подем на ксенофобијата во Грција во 1990-ите години во. Таа се приклучи кон грчкиот националистички гнев кој се распали во 1992, кога поранешната југословенска  Република Македонија прогласи независност и го одбра името Македонија. Во 2012 година, членовите на „Златна зора“ се уште се пенавеа против Македонија од говорницата на грчкиот Парламент, пишува во извештајот на Хјуман рајтс воч.

Според извештајот, руските власти го помагаат подемот на „Златна зора“, „Јобик”, и другите националистички партии во Европа.

– Во ноември 2013 година, портпаролот на „Златна зора“ беше поканет на конференција во Москва заедно со Ник Грифин од Британската национална партија и Роберто Фиоре од италијанската Партија Нова Сила. И други високи претставници на „Златна зора“ и “Јобик” ја посетиле Москва, каде ги прима Александар Дугин, екстремниот руски националистички идеолог кој ја разви Евро-азиската доктрина за Европа предводена од Русија која ќе се протега од Лисабон до Владивосток, и кој наводно е советник на претседателот Путин, пишува во анализата на Хјуман рајтс воч, во која се посочува дека и бугарската националистичка партија Атака  настапува од про-руски позиции. Според извештајот, се работи за низа на националистички европски партии, кои повикуваат на блиски односи со Русија, што ги попречува воведувањето на европските санкции кон Русија, го блокира проширувањето на НАТО и ја ослабнува ЕУ преку ширење на популизам.

Кипарскиот разгранок на „Златна зора“, иако послаб од грчкиот, е посочен како организација која работи да се спречи постигнувањето на политички договор за Кипар, со што односите меѓу Грција и Турција како две НАТО членки остануваат нарушени, и се спречува искористувањето на средоземноморските резерви на гас кои би можеле да бидат конкуренција на рускиот гас.

Авторите на извештајот на ХРВ остро ги критикуваат владите на двете земји, и ги повикуваат САД, Германија и ЕУ да преземат мерки за запирање на подемот на расизмот, ксенофобијата и фашизмот. Во препораките, се бара од американскиот претседател Барак Обама да контактира со грчкиот премиер Андонис Самарас и од него да побара да продолжи судското гонење на водачите на „Златна зора“, но тоа да биде на начин кој нема да остави впечаток на политичко гонење. Извештајот посочува  дека и Самарас користи реторика кон не-Грците која е слична на говорот на омраза на „Златна зора“.

– Соочен со економски и општествен колапс, грчкиот премиер Андонис Самарас ја прифати анти-имигрантската реторика на „Златна зора“ велејќи дека: “Нашите градови се преплавени со илегалци, и ние мораме да ги вратиме”. Со ваквата запалива реторика, Нова Демократија на Самарас не сака да им посочи на граѓаните дека нема потреба од насилство, или дека напаѓачите врз имигрантите ќе бидат казнети, пишува во извештајот на Хјуман рајтс воч.

Во извештајот е наведен голем број на примери за насилство врз илегални доселеници во Грција, претепувања, киднапирања и измачувања од страна на „Златна зора“, меѓу нив и напад на деветгодишно дете, обележување на вратите на имигрантите со нацистички симболи за подоцнежен напад, претепување и принудување на муслимани да пијат алкохол од страна на „Златна зора“ и резбање на нацистички симболи на телата на имигранти.

Во извештајот се наведува сведоштвото на заштитен сведок кој вели дека во 2011 година партијата „Златна зора“ во неговиот град била спонзорирана од богат сопственик на локална компанија кој, иако бил член на Нова Демократија, се приклонил кон „Златна зора“ велејќи дека таа е всушност паравоено крило на Нова Демократија. Бизнисменот им дал 1.500 долари на членовите на „Златна зора“ да напаѓаат имигранти, и им рекол само “тоа да не го прават преку ден”.

Сведокот тврди дека „локална компанија ги снабдувала со оружје членовите на „Златна зора“.

– „Криминална организација“ е вистинското име за оваа партија, бидејќи “Златна Зора” формирала војска и одржувала врски со полицијата, која имала наредба да не ги „забележува“ нејзините членови, тврди според ХРВ овој поранешен член на “Златна зора”. Хјуман рајтс воч воедно посочува дека двајцата евро-пратеници избрани од листата на “Златна зора” се поранешни генерали во грчката армија, кои дури служеле на високи командни позиции во Европа, што укажува дека нацистичката партија има особено голема поддршка кај грчките вооружени сили.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top