| четврток, 6 декември 2018 |

Шведска негодува по изборните плакати на демократите

svedska avtobusi zdravoПредизборната кампања на екстремно-десничарската парламентарна партија Шведски демократи наиде на отпори веднаш по нејзиното лансирање, јави МИА од Гетеборг.

Јавното претпријатие за градски сообраќај во јужна Шведска, „Сокнетрафикен“, не ги прифати рекламните плакати со политички пораки на Шведските демократи во своите автобуси и трамваи. Станува збор, меѓу другото, за следниве плакати: „Помалку имигранти овде, повеќе помош за бегалците таму“, “Стоп за организираното питачење“ и „За одговорна имигрантска политика“.

– Не прифаќаме никаква реклама која може да биде сфатена како навредлива, дискриминаторска и расистичка, вели Камила Бунке, шеф за маркетинг при „Сконетрафикен“ за весникот „Сидсвенскан“.

Вчера под притисок на синдикатите и јавното превозно претпријатие во Содертеље соопшти дека во нивните автобуси нема да бидат истакнати плакатите на Шведските демократи.

Ваквите отпори и критики против предизборната кампања на Шведските демократи, кои според сондажите добиваат околу 10 отсто од избирачките симпатии и со тоа се наметнуваат како важен фактор во просторот меѓу левиот и десниот политички блок во шведскиот Парламент-Риксдаг, се присутни и во други шведски градови.

Самите Шведски демократи таквите истапи ги оценуваат како „саботажа“ на нивната кампања.

– Скандалозно е едно јавно претпријатие на таков начин да презема политичка уога во предизборната кампања, се нагласува во соопштението за медиумите на Шведските демократи по повод одлуката на „Сконетрафикен“.

Сепак, отпорите не се секаде толку децидни.

Во Стокхолм, на пример, споменатите изборни плакати на Шведските демократи ќе бидат на 51 од вкупно 2.100 автобуси со кои располага стокхолмскиот „Локален сообраќај“. Парламентарните и локалните избори во Шведска ќе се одржат на 14 септември.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top