| четврток, 6 декември 2018 |

Разузнавањето на САД предупредува дека IS подготвува напади во Европа

Терористичката џихадистичка групација Исламска држава (IS), која дејствува главно во Ирак и во Сирија, последните месеци значително зајакнала и очигледно планира напади не само на Блискиот исток, туку и во Европа и во САД, пишуваат американските медиуми повикувајќи се на податоци коишто на новинарите им биле претставени на брифинг посветен на IS од страна на припадници на американските безбедносни служби.
Според овие медиумски написи, екстремистите од Исламската држава се обидуваат да формираат свои „ќелии“ во Европа, во прв ред базирајќи се на фактот дека во своите редови успеале да привлечат илјадници луѓе од западниот дел на континентот како и до балканскиот регион, кои се борат на страна на ова џихадистичко движење против владините сили во Ирак и во Сирија. Покрај, тоа Исламската држава на ирачката територија, како дел од „исламскиот калифат“ кој го прогласи кон крајот на јуни, зазема две големи бази на ирачката армија, така што сега располага со најразновидно оружје во големи количества, што вклучува и преносни ракетни лансер, тенкови и оклопни возила, како и хаубици. Американското разузнавање, исто така, проценува дека по заземањето на вториот по големина ирачки град Мосул, и тамошниот трезор на Ирачката централна банка, џихадистите располагаат со големи парични средства вклучително и од продажбата на нафта во регионот.

Според претставниците за американската разузнавачка заедница, тие ја ревидирале и својата процена за бројноста на вооружените припадници на Исламската држава нагоре. Така, компетентните структури на Вашингтон сметаат дека во редовите на групацијата сега се борат околу десет илјади борци од целиот свет, додека претходно се проценуваше дека поранешната Исламска држава во Ирак и на Шам (Левантот – Медитеранот, позната по кратенката ISIL) има под оружје до пет илјади луѓе.

„Забележуваме проширување на сопствените терористички амбиции. Според растот на нејзините капацитети и способности, таа привлекува илјадници странски екстремисти. Некои од нив се вратени во татковините да формираат ’ќелии’“, изјавил еден од разузнавачките брифери на американските медиуми. Според него, освојувајќи одделни региони во Ирак, Исламската држава „сака да ја прошири таквата активност и да организира напади надвор“, односно во други земји и во други региони.

Друг претставник на разузнавачките служби на САД на истиот брифинг со медиумите истакнал дека Исламската држава е „најмоќната воена сила“ којашто постои во моментов меѓу терористичките групации.

Советот за безбедност при Обединетите нации во петокот навечер едногласно ја донесе резолуцијата со којашто ќе се настојува да се спречи регрутирање и финансирање на џихадистите од Исламската држава во Сирија и во Ирак, и воведе санкции за нови шест лица кои се сметаат за главните фигури за споменатата групација којашто истапи од редовите на глобалната терористичка мрежа Ал Каеда.

Резолуцијата на Советот за безбедност при ОН, чиј текст го предложи Велика Британија, се смета за најконкретната и најважна мерка којашто Советот ја донесе досега откако на почетокот од јуни Исламската држава (поранешната Исламска држава во Ирак и Шам (Левантот – Медитеранот – ISIL) ја поведе големата офанзива во која освои значителни територии во Ирак и во соседна Сирија на кои прогласи калифат, а последните седмици опасно ја загрозија и територијата на полуавтономната покраина Курдистан во северен Ирак. Исламската држава е обвинета дека нејзините припадници вршат свирепи маскари и егзекуции над религиозните и етничките малцинства кои ги тераат да се преобратат во исламот.

Санкциите се состојат во ембарго на оружје, замрзнување имоти и забрани за патувања. Покрај тоа, шесте нови лица ставени на списокот на меѓународните санкции, се челниците на Исламската држава и на другата ривалска радикална групација Фронтот ан-Нусра, од Саудиска Арабија и од Кувајт. Станува збор за Абделрахман Мухамад Зафир ад-Дабид ал-Џахан, Хаџаџ бен Фахд ал-Аџим, Абу Мохамед ад-Аднан, Саид Ариф, Абдула Мохсен Абдал Ибрахим ап-Шарех и Хамад Хамид ал-Али. Во резолуцијата се наведува и дека списокот на лицата кои се предмет на санкциите може да биде проширен.

Резолуцијата ги обврзува сите земји да спречат секакво финансирање на терористите, врбување во нивните редови и доставување оружје. Исто така, со неа се предупредува дека каква и да е економска активност во регионите коишто ги контролираат џихадистите во Ирак и Сирија може да доведе до санкции од меѓународната заедница.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top