| четврток, 6 декември 2018 |

На Козјак се продаваат парцели по 1 евро за квадрат

Дваесет и четири парцели на езерото Козјак кај село Близанско, за кои беше поништена претходната продажба поради упад во системот, повторно се понудени на продажба по цена од 1 евро за квадрат. Дваесет и две од нив се наменети за изградба на викенд-куќи, една е за изградба на комерцијално-деловен објект и една за спортско-рекреативен комплекс.

– Површината на овие парцели се движи од 400 до 1.200 квадратни метри. Парцелата понудена за изградба на комерцијално-деловен објект се протега на површина од 1.623 квадратни метри, а почетната цена за оваа парцела изнесува 350 денари за квадратен метар, додека парцелата наменета за изградба на спортско-рекреативен комплекс е со површина од 7.691 квадратен метар, со почетна цена 100 денари за квадрат – информира Милосим Војнески, градоначалник на општината Македонски Брод.

Вторпат на продажба се понудени и 3 парцели кај село Инче со површина од 60.000 квадратни метри, на кои треба да бидат изградени 3 фотоволтаични централи.

– Почетната цена за еден метар квадратен за овие парцели изнесува 150 денари. Ова е добра можност нашата општина да заработи дополнителни парични средства бидејќи 80 проценти од парите се слеваат во општинската каса. Инаку на оваа локација веќе е продадена една парцела од 25.000 квадратни метри, на германска компанија која ќе гради соларна електрана – додаде Војнески.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top