| четврток, 6 декември 2018 |

Од понеделник почнува отписот на долгови

Веќе од понеделник, граѓаните ќе можат да поднесуваат барања за отпис на долговите. Со тоа практично започнува реализацијата на проектот на Владата за еднократно отпишување на долговите на најранливите категории на граѓани.

Министерството за финансии денеска го објави јавниот повик до граѓаните за доставување на барања за отпис на долговите.

Корисниците на социјална и постојана парична помош, невработени лица подолго од 12 месеци и лицата кои се изложени на социјален ризик поради смрт на брачен другар или инвалидност или потешка болест настанати во последните пет години, од понеделник ќе треба да го достават барањето до најблискиот Центар за социјални работи.

Како што информира министерот за финансии Зоран Ставрески, ќе треба да пополнат барање на веќе изготвен формулар. Граѓанинот со себе ќе треба да носи лична карта негова и на брачниот другар.

Во овој проект се вклучија сите банки во Македонија, ЕВН, ЕЛЕМ, Топлификација, МРТВ, две штедилници- Можности и ФУЛМ, како и Нотарската комора и Комората на извршители.

Ќе се отпишуваат долговите настанати до 31 декември 2013 година, а по основ на потрошена електрична енергија, топлинска енергија, за кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки и потрошувачки кредити класифицирани во категорија Г и Д од страна на банките, а кои не се обезбедени, како и за радио дифузна такса. Со мерката заедно со главниот долг предвидено е да се отпишат и каматите, како и трошоците за нотари и извршители.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top