Македонија нема да го зголеми дозволеното ниво на афлатоксин во млекото од сегашните 0,05 микрограми на килограм и ќе ја проверува секоја пратка млеко од увоз дали е усогласена со домашните стандарди. Ова е ставот на Агенцијата за храна и ветеринарство, по одлуката на Србија да го врати во сила стариот правилник за квалитет на млекото според кој во килограм млеко се дозволува присуство на афлатоксин од 0,5 микрограми. Овој потег на српското Министерство за земјоделство предизвика бурни реакции и во Србија, која според тамошниот министер за земјоделство Горан Кнежевиќ, била нужна заради заштита на домашното млекопроизводство и српските фармери. Во Србија, според Кнежевиќ, се’ уште нема соодветна акредитирана лабораторија за анализа.
„Македонија нема потреба да го менува Правилникот за општите барања за безбедност на храната со кој се регулирани максимално дозволените концентрации на овој афлатоксин во млекото. Во нашата држава ќе продолжи и понатаму да се применува максимално дозволеното ниво од 0,05 микрограми на килограм“, децидни се од Агенцијата за храна и ветеринарство. Од таму нагласуваат дека нашето законодавство во делот на безбедноста на храната, во целост е хармонизирано со европското, кое важи за едно од најригорозните кога е во прашање безбедноста на храната.
„Само на тој начин можеме да гарантираме и да обезбедиме соодветна заштита на македонските потрошувачи“, велат од Агенцијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.