Украина денеска го потврди влезот на руски воен конвој на своја територија преку граничен пункт, контролиран од проруските сепаратисти.
– Руска воена колона навлезе преку граничниот премин „Изварино“. Не располагаме со информација за бројот на автомобили во конвојот – изјави Олексиј Дмитрашкивски, портпарол на украинската воена операција во Источна Украина.
Според британските весници „Гардијан“ и „Телеграф“ на терен, 23 оклопни возила, бензиски цистерни и други возила со воени регистарски таблички ја преминале границата синоќа, пред 22 часот по локално време.
– Украински цариници и граничари го очекуваат хуманитарниот конвој со помош за населението во источна Украина на рускиот граничен премин „Донецк“. Конвојот запрел на триесетина километри оттаму – соопшти ОБСЕ.
Пол Пикар, началник на мисијата на ОБСЕ во регионот, изјави дека инспекцијата сѐ уште не почнала и ја отфрли информацијата дадена порано денеска од украинскиот воен портпарол Леонид Матјухин, според кого „инспекцијата почнала во десет часот на граничниот премин „Донецк“ во Русија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.