
Од први септември годинава, општата болница од Куманово ќе испрати шест лекари на специјализација во Скопје, од кои двајца на абдоменална хирургија, а по еден лекар на ортопедија, гинекологија, гастроенетрохепатологија и неврологија.
Како што информира директорот на болницата Ариф Латифи, во текот на овој месец ќе биде распишан и интерен оглас за специјализација.
– Се надевам дека најмалку петмина кумановски лекари од оваа јавна здравствена установа ќе пројават интерес за специјализација. Станува збор за специјализации од интерна медицина, урологија и хирургија кои се мошне атрактивни за лекарите – вели Латифи.
Пред неколку месеци кумановската болница испрати неколку лекари на специјализаија по интерна медицина, педијатрија, психијатрија, патологија и гинекологија.
На ваков начин, обајснува Латифи, сукцесивно ќе се придонесе за намалување на недостигот од лекари специјалисти во општата болница Куманово. Во изминатиов период, додава, дел од лекарите заминаа в пензија, а други отидоа во приватното здравство.
– Може да се каже дека во овој период најголема побарувачка за кадар има на гинеколгија, хирургија, интерна медицина и инфектологија – вели Латифи.
Општата болница до крајот на годинава ќе распише и конкурс за вработување на околу 20 здравствени работници.
– Со конкурсот покрај лекари се надеваме дека ќе вработиме и неколку рендгенски техничари, акушерки и медицински сестри – додава Латифи.
Со новите лекари специјалисти, според него, кумановската болница ќе функционира уште подобро и целосно ќе ги задоволи потребите на пациентите од општината, но и на пациентите од соседните општини од североисточниот регион. Општата болница Куманово ја покрива територијата на североисточниот дел со околу 200.000 жители.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


