| четврток, 6 декември 2018 |

Поетската ноќ во Велестово посветена на Катица Ќулавкова

poetska_nok_velestovo_

Денеска, 15 август, во охридското село Велестово, сретсело, со почеток во 21 часот, по 26. пат ќе се одржи манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“. Оваа година манифестацијата е посветена на поетското творештво на академик Катица Ќулавкова. За нејзиното творештво ќе говори проф. д-р Владимир Мартиновски. Стихови ќе читаат членови на Независната аматерска театарска група „Аматер“ од Охрид.

Традиционално, покрај поетскиот портрет на еден наш истакнат поет, ќе биде одржана и ликовна изложба. Оваа година во изложбениот простор на старото училиште во Велестово со слики и склуптури ќе се претстават шест млади уметници, членови на Центарот за културен проток „Артерија“: Димитрие Ристески, Ели Аиноска, Стевчо Наумоски, Билјана Ангелеска, Ивана Групче и Зорица Азеска Спасеска.

На 16 август во просториите на Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, со почеток во 21 часот ќе се одржи интернационално поетско читање, во чии рамки ќе се претстават поетите Патрик Котер од Ирска, Тања Бакиќ од Црна Гора, Барбара Погачник од Словенија и Зоран Јакимоски од Македонија.

Интернационалната вечер се одржува од 2008 година и на неа досега се претставиле поети од Сирија, Франција, Ирска, Италија, Турција, Србија, Црна Гора, Словачка, Норвешка, Бугарија, Албанија, како и познатиот сликар Дик Робертс од САД.

Во соработка со Издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, во рамки на годинешната поетска ноќ во Велестово ќе се одржи и промоција на три стихозбирки од поети учеснци на манифестацијата. Промоцијата ќе се одржи на 18 август во просториите на НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид во 11 часот.

Ќе бидат промовирани книгите: „Никој не знае“ од Патрик Котер, „Семе и други песни“ од Тања Бакиќ и „Ништо не е недостижно“ од Зоран Јакимоски. Промотори ќе бидат: м-р Славица Гаџова, Славе Ѓорѓо Димоски и Тоде Илиевски.

Во рамките на оваа манифестација во изминатите 25 години било претставено творештвото на најпознатите македонски поети, сликари, критичари, меѓу кои Анте Поповски, Гане Тодоровски, Патре М. Андреевски, Матеја Матевски, Богомил Ѓузел, Радован Павловски, сѐ до претставници од помладата генерација, како Никола Маџиров и Владимир Мартиновски, а од сликарите би ги споменале: Вангел Наумовски, Боро Митриќевски, Сергеј Андреевски, Глигор Чемерски, Владимир Георгиевски, Газанфер Бајрам, Славко Упевче и други.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top