Несекојдневен инцидент што се случил во авион на компанијата „Флајби“ на 12 август можел да предизвика авионска трагедија. Неколку мигови пред слетувањето на патничкиот авион со 47 патници на аеродромот во Белфаст, пилотот останал без протезата на подлактницата, која се одвоила од флексибилното лежиште на лактот.
Од Агенцијата за истражување несреќи во воздушниот сообраќај го потврдија инцидентот, но при тоа соопштуваат дека патниците и членовите на екипажот во ниту еден миг не биле во животна опасност.
Четириесет и шестгодишниот пилот, како и секогаш, непосредно пред слетувањето ја проверил протезата дали е добро прицврстена за управувачката палка, но за време на слетувањето сфатил дека таа се одвоила од лежиштето, а потоа и од управувачот. Сепак, тој останал присебен и пилотирањето го продолжил со здравата десна рака со која до тогаш ја местел брзината на авионот при слетувањето на контролната плоча.
На истражителите им изјавил дека во еден момент за проблемот сакал да го извести копилотот, но немал доволно време, па заклучил дека е најдобро да не крева непотребна панија. Со оглед на тоа дека десната рака за време на слетувањето ја користел за управување на авионот, не успеал доволно да ја намали брзината, па слетувањето било нешто „потврдо“, се наведува во извештајот.
Пилотот бил еден од најискусните во компанијата „Флајби“, се наведува во извештајот и се додава дека „поучен од незгодата, при евентуално повторување на ситуацијата пилотот ќе го извести копилотот“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.