Арпад Штербик дебитираше на голот на Вардар на официјален меч, а „црвено-црните“ ги смрзнаа руските ракометари од Санкт Петербург на минус 13. Вардар победи во првиот меч на струшкиот турнир со 35-22, а еден од најдобрите светски голмани Штербик бранеше во второто полувреме. И веднаш со неколку успешни интервенции покажа дека ќе биде големо засилување за македонскиот вицешампион.
Во првото полувреме блескаше Тимур Дибиров со 7 гола, а Вардар најави сигурна победа. Потоа крилото на „црвено-црните“ не играше во вторите 30 минути, а ракометната машинерија од Скопје функционираше како прецизен часовник и застана на позитива од 13 гола разлика.
Во вториот меч вечерва полскиот тим Азоти Пулави го победи Кретеј со 30-25 и му отвори шанса на Металург сепак да игра во финалето. Македонскиот првак го загуби првиот дуел од францускиот тим со 3 гола разлика и ќе треба со толкава позитива да го надигра Азоти за да се најде во финалето и да ја браби ланската титула во Струга.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


