Кумановската фабрика „Екстра Меин“ бара Центарот за јавно здравје во Велес да понесе одговорност за пропустите во постапката за испитување на присуството на бактеријата листерија, со што се непотребно се нанела штета на угледот на компанијата. Бараат да одговори зошто во првичната анализа не е извршена квантификација (броење на бактериите) со што секоја понатамошна фаза на испитување е невалидна.
Како датум на завршување на тестирањата во Велес е наведен 5 август 2014, што пак, за компанијата отвора други прашања – како се чувал примерокот и што се правело со него сите тие денови?
-Нашиот производ, сецкан свински врат е ставен во непотребна постапка при што е создаден случај без основа, со што се нанесе штета на угледот на компанијата, која 20 години е на пазарот со стандардидизирани и квалитетни производи- велат од компанијата.
По изворот на опасната бактерија листерија, од која во Македонија починаа четири лица, се уште се трага. Од Агенцијата за храна велат дека изворот е непознат и по него се уште се трага, што значи дека истрагата повторно е вратена на почеток. Од Министерството за здравство, пак, вчера, информираа дека сите докази кои ги поседуваат, а кои се против компанијата „Екстра Меин“, ги доставиле до Основното јавно обвинителство. И натаму се утврдува каде примерокот од свинскиот врат на „Екстра Меин“ да биде испратен на меѓународна суперанализа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


