| четврток, 6 декември 2018 |

Лозарите и винарите не се договорија за цената на грозјето

lozari

Лозарите и винарите на денешната заедничка средба во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство не постигнаа договор околу откупната цена на грозјето.
Став на визбите е да се задржат минатогодишните цени, а производителите бараат два денара повеќе.
Како што изјавија по средбата, родот на грозјето ќе биде преполовен и проблеми со откупот не се очекуваат, но спорен е квалитетот.
– Најсолидарен пристап кон нашите партнери, лозарите, би било зачувување на ланските цени со оглед дека сегашните услови не гарантираат квалитет соодветен на минатогодишниот – рече Игор Илиевски од „Тиквеш“.
Според претседателот на Здружението на лозари „Агротиквешија“, Љупчо Аризанов, ваквата политика на винарските визби е погубна за лозарството.

Ресорниот министер Михаил Цветков потврди дека засега нема договор помеѓу двете страни, но, како што напомена, државата ќе направи максимални напори за да ги заштити лозарите, особено малите призводители кои во моментов се соочуваат со најголеми проблеми.
Минатата недела министерот Цветков одржа одделни состаноци со лозарите и винарите на кои му беа посочени актуелните проблеми во секторот. Лозарите годинава бараат 11 до 13 денари за килограм смедеревка и 13 до 15 денари за сортата вранец што за винарите е префорсирана цена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top