| четврток, 6 декември 2018 |

Аматерка го преплива Охридско Езеро

Пливачката патека во Охридско Езеро од „Св. Наум“ до градското пристаниште во Охрид е примамлива не само за професионалците и светската пливачка елита, туку и за рекреативците, кои на ривиерата доаѓаат од целиот свет.

Деновиве, Македонката Катинка Димкароска, нашинка што е родена и живее во Словенија, за нешто помалку од 13 часа успеа да го преплива бисерот на Балканот. Иако се работи за „рекреативец“, кој за првпат плива во слатки води, сепак мотивот бил преголем за се реши на овој подвиг, пишува „Охрид њус“.

– Идејата за овој подвиг ми дојде сосема случајно, гледајќи ги олимпијците пред неколку години. Имав голема желба да го испливам Охридско Езеро, па така го одредивме датумот и сè се случи спонтано – вели Катинка Димкароска, нашинка, која живее и работи во главниот град на Словенија.

Димкароска, Маратонската патека успеа да ја преплива краул, со претходни интензивни психички тренинзи.

– Претпоставував дека ќе имам помалку за пливање, но излегоа речиси 13 часа. Тргнав во 6 утрото од „Св. Наум“, а малку по 18 часот бев на градското пристаниште во Охрид. Нормално, со помош од мојата добра екипа, која цело време беше покрај мене за време на подвигот. Правев кратки паузи, за да добијам стабилност и за да ја пребродам кризата, која секогаш се јавува за време на пливањето. Присебна ме одржаа домашните енергетски напитоци, кои ги консумирав. Последните 200 метри ми беа најдолги и најтешки од целата патека – нагласува Димкароска.

Меѓу другото, таа досега двапати со велосипед го има извозено патот од Љубљана до Охрид. Како што вели, следниот предизвик ѝ е да стигне пеш или со трчање од главниот град на Словенија до Охрид.

-Двапати со велосипед имам дојдено од Љубљана до Охрид, а минатата година ја обиколивме Македонија, Егејот и Истанбул. Исто така, имавме една тура од Словенија, преку Хрватска, Босна, па сè до Бока Которска и назад. Морам да нагласам дека сите мои „излети“ се строго рекреативни, а единствената подготовка ми е психичката –  вели Димкароска.

За Охрид вели дека е одлична туристичка дестинација, која е примамлива и има што да им понуди на гостите. Единствено, Димкароска има забелешка на пловилата во езерото, кои немаат соодветни екомотори.

-Освен водата, оваа година малку имам видено од градот. Порано ми пречеше сметот и недостигот од канти за отпадоци, но мислам дека тој проблем веќе се решава. Тоа што ми пречи се моторните пловила во езерото, посебно тие со голема кубикажа. За разлика оттука, во Словенија се дозволени само мотори на електричен погон или весла – објаснува Димкароска.

На младите им препорачува да се „тргнат“ од компјутерите и своето слободно време да го искористат во спорт и рекреација.

– Младината е премногу окупирана со технологијата. Тоа е прилично тажно. Би можеле сите да одвојат повеќе време за рекреација, чист воздух или некое хоби. Кога сме кај предизвиците, мислам дека секој може да ја исполни предвидената цел, доколку навистина ја сака – завршува Димкароска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top