Поранешниот британски амбасадор во САД, Кристофер Мајер денеска изјави дека воената интервенција во Северен Ирак против припадниците на сунитската исламистичка група Исламска држава (ИД), станува императив за Велика Британија и за нејзините западни сојузници.
Изјавата на Мајер доаѓа по загрижувачките извештаи дека Западот има само уште 48 часа за да се спасат Јазидите, малцинска етничка заедница во северните делови на Ирак кои без храна и заштита се кријат во планинските предели Синџар, бегајќи пред опасноста од масакрирање од страна на џихадистите на ИД.
Во интервју за лондонски „Сан“ британскиот дипломат вели дека било исправно решението да не се интервенира во Сирија, затоа што Велика Британија таму би се соочила со апсурдната ситуација да војува заедно со исламистите од ИД, но Мајер смета дека ситуацијата во Ирак е сосема поинаква.
– Во Ирак меѓународната заедница се соочува со хуманитарна криза, па воената интервенција сега се поставува како императив – изјави Мајер.
Владата во Лондон претходно најави зголемена хуманитарна помош за Јазидите и за ирачките христијани кои бегаат пред насилствата и ликвидациите на сунитските исламисти од ИД, но ја отфрли можноста за воена интервенција со бомбардирање на позициите на милитантите.
Во меѓувреме, расте притисокот врз британскиот премиер Дејвид Камерон да ја промени својата позиција кон ситуацијата во Ирак.
Неговиот поранешен министер за одбрана Лијам Фокс, ја повика денеска Владата да „направи нешто и да интервенира“ додека угледниот британски телевизиски коментатор Џон Сноу, кој беше силен противник на американско-британската интервенција во Ирак во 2003 година, сега апелира до ОН да ја покренат меѓународната заедница за да се спасат животите на илјадници Јазиди на кои им се заканува ликвидација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.