| четврток, 6 декември 2018 |

Грција презема мерки по руското ембарго

grcki vesniciГрчките производители ќе имаат целосна поддршка од државата по руското ембарго за увоз на одредени производи, соопшти грчкото министерство за надворешни работи. Властите најавуваат серија мерки за да се намали колку што е можно влијанието на руското ембарго врз увозот на свежи грчки земјоделски производи. Овие мерки вклучуваат и активирање на механизми за да се пренасочат производите на домашниот пазар и кон други извозни дестинации. Грчкото МНР додаде и дека производителите ќе бидат во целост компензирани, доколку и покрај мерките, сè уште имаат загуби.

Изминатиов викенд околу три илјади камиони со грчки праски и нектарини останаа блокирани на руските граници и чекаат да видат дали нивното овошје ќе биде прифатено. Министерот за надворешни работи Евангелос Венизелос пред неколку дена рече дека Атина прави постојани напори со цел што повеќе да се намалат последиците, ако е можно дури и да нема последици од руското ембарго. Грција би можеле да загуби речиси 180 милиони евра доколку Русија ја спроведе едногодишната забрана за увоз на храна од Европската унија, но Атина се надева дека голем број локални производи ќе бидат ослободени од ембаргото. Весникот „Катимерини“ пред неколку дена објави дека руски дипломатски извори наводно усно ја увериле Атина дека многу грчки производи нема да бидат ставени на листата на производи кои Русија ќе ги забрани за увоз, а конечниот список се очекува деновиве.

Во 2013 година грчкиот извоз во Русија изнесувал 178 милиони евра. Сепак, тој годинава веќе е намален. Според Асоцијацијата на грчките извозници, вредноста на грчкиот извоз во Русија во првите три месеци бил помал за 23,9 отсто во споредба со 2013 година, односно паднал од 82,9 на 63 милиони евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top