Во рамките на фестивалот „Охридско лето“ се одржа промоцијата на 10 поетски книги насловена „Поезија-Ткаења“ од Славе Ѓорѓо Димоски и документарен филм на Антонио Вељаноски, насловен „Поет на мал народ“.
Антонио Вељаноски е авторот на документарниот филм „Поет на мал народ“, во кој преку три песни (Куќа. Траума и Ноќта е црна liebe Maria) е раскажана духовната биографија на поетот Славе Ѓорѓо Димоски. Поетот зборува за поезијата како за чувар на јазикот на малите народи бидејќи во неа е содржан исконскиот озон на јазичната традиција. Филмската приказна претставува еден отсонуван сон на недосонуваните копнежи. Фил мот по сценарио и режија на Антонио Вељаноски доби награда на фестивалот „Млада камера“ во Република Чешка.

Антонио Вељаноски е апсолвент на престижната Академија за филм ФАМУ во Прага.
– Со овој филм навлегов во еден специјален жанр во рамки на документарните филмови, а тоа е поетичниот жанр, односно филмот има и неколку поджанрови, меѓу кои е и портретот, или можеме прво да го ставиме портретот, а потоа, преку поетичниот жанр би дошле до поимот поетичен портрет. Голема инспирација црпев од надреалистичкиот стил на раскажување на големата светска документаристка Мартина Кудлачек, која имав чест и лично да ја запознаам на едно нејзино предавање за филмскиот портрет на националниот факултет за филм во Прага, каде што беше презентиран и нејзиниот филм „Луда љубов – Лудвик Шваб“ (Amour fou – Ludvík Šváb). Сметајќи дека поезијата е една надреалистичка дисциплина, играјќи со надреалистичките елементи што се во филмот, го овековечив овој наш поет на филмското платно. Како одговор на критиките од страна на еден филмски критичар во Чешка, би сакал да се изјаснам дека овој филм не е, како што кажа тој, обид да се опише поезијата општо, овој филм не е опис, овој филм е еден мал дел во кој преку неколку песни филмски го претставувам творештвото на само еден поет; ова е филм, а не е опис. Како сите други уметници, пред сѐ размислувам за целиот скелет на филмот, гледано според некоја драматуршка форма. А стилот го гледа гледачот и негово е да оцени дали тој стил му се допаѓа или не, инаку контурата на филмот е нешто што мислам дека успеав многу добро да го изведам, но не без Славе, кој со своите извондредни мисли за тоа како се конструира една песна им ги обогатува импресиите на сите што ги интересира поезијата. Овој филм, како сите филмови, не би го држел вниманието на сите, за тоа сум свесен. За жал, интересот за поезијата е сѐ помал, но сметам дека ова дело е една филмска поема, вели Вељаноски.
Во книгата „Поезија-Ткаења“ се содржани досегашните објавени поетски книги на Славе Ѓорѓо Димоски, изданието е објавено во знак на 35 години поетско творештво, односно од објавувањето на првата книга Гравири (1979).
Редоследот на книгите е во обратен ред и враќајќи се наназад се открива патот на творечкото време до почетоците на авторот од кога почнал да се содава еден посебен поетски свет, една своевидна и самостојна поетика, надвор од кулоарските случувања и во посебен природен амбиент на планината Галичица.
– Геопоетиката на Славе Ѓорѓо Димоски отвора простор за множество интерпретации во таа смисла во која неговата поезија се остварува преку множество точки на набљудување на светот и на стварноста од една иста точка. Тоа е суштината, впрочем, на односот меѓу јазикот и стилот на Димоски, одмерениот јазичен исказ наспроти бурниот стилски израз. Впрочем, да се потсетиме на Јакобсоновото – поезијата е исказ што е насочен на самиот израз, и да потврдиме, Димоски од секојдневните јазични искази пресоздава необични стилски изрази, со што неговата поезија добива и своевидна барокна тежина, во таа смисла во која во просторот се изнијансира меѓупросторот во чијшто центар е авторовото јас, кое по пат на семиоза и понатаму се деатлизира, се динстиктивизира во сопственото време пространство – вели Димитар Пандев.
(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 100. број на неделникот „Република“, 1.08.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


