Во развојниот пат на Македонската револуционерна организација (МРО), посебно во периодот по Илинденското востание, еден од начините пред меѓународната јавност да се прикаже целта на револуционерната борба во османлиска Македонија биле интервјуата што ги давале дејците на организацијата во тогашните балкански и светски печатени медиуми.
Првото интервју на висок кадар на МРО се случило во мај 1903 година, по завршувањето на Смилевскиот конгрес. Имено, неформалниот разговор во една битолска кафеана меѓу Никола Карев и секретарот на грчкиот конзулат во Битола, Ион Драгумис, тој, под псевдоним, го преточил во интервју, објавено во атинскиот весник „Акрополис“ на 8 мај 1903 година.
Значајна улога во информирањето на светската јавност за целите и за настаните во текот на Илинденското востание имало Задграничното претставништво (ЗП) на МРО во Софија. Во тој период задгранични претставници биле Христо Татарчев и Христо Матов, кои должноста ја извршувале од крајот на 1902 година. Во текот на востанието, ЗП во име на Организацијата се обратило до големите сили преку декларација, во која било истакнато дека вмешувањето на европските држави било единствено средство да се отстрани злото и да се запре пролевањето крв. Притоа, било побарано, со согласност на големите сили, за главен управник во Македонија да се назначи христијанин, кој немало да припаѓа на османлиската администрација и ќе дејствувал независно од Високата порта.
Во книгата на бугарскиот историчар Чочо Биљарски, „Тајните на ВМРО: легенди и сензационални откритија од нејзините водачи“, е поместен напис од Софија на дописникот на англискиот весник „Дејли телеграф“, од 7 септември 1903 година, под наслов: „Протест на еден македонски револуционер“. Во воведниот дел авторот на текстот го претставува својот соговорник како „еден од највлијателните членови на Внатрешниот македонски револуционерен комитет“, чиишто декларации придонеле европската јавност да ги дознае вистинските цели на борбата на македонските револуционери.
Во тој контекст, авторот сметал дека на таков начин би била изградена вистинска слика за развојот на востанието. Во продолжение бил опишан физичкиот изглед на Христо Татарчев, кој бил „висок, строен човек на средна возраст со предиспонирачко лице, роден во Македонија, лекар по професија“. Татарчев му споменал на својот соговорник дека претходно никогаш не дал официјално интервју, но дека во овој случај ќе направел исклучок, со цел „да ѝ ги објасни на британската публика шпекулациите за односите меѓу Македонија и силите“.

Христо Татарчев
Татарчев разговорот го почнал на следниов начин: „Македонските христијани не се ниту бунтовници по природа, ниту револуционери по професија; тие се скромни, работлив народ, со желба да работат мирно и се загрижени да ги добијат плодовите од својот труд“. Во продолжение Татарчев го споредува христијанското население во Македонија со Шкотланѓаните во Велика Британија, за кои термините „Устав“ и „парламентарни институции“ не означувале ништо. Според него, обесправеното население барало само право на трудот и сакало да ги добие приходите од својата „неуморна работа“. Затоа Татарчев нагласил:
„Дајте им го тоа и тие уште утре ќе го фрлат оружјето. Нивните барања, во суштина, се многу скромни и дури наједноставните семејства и поединци не можат да опстојат со помалку. Трпението ни е доказ за нашата искрена желба да живееме во мир, затоа што ние чекавме на ветувањата за реформи од Берлинскиот конгрес речиси цела една генерација и се кренавме против Турција едвај тогаш, кога животот стана неподнослив од ужасот пред војната со муслиманите“.
Во продолжение на разговорот следело провокативно прашање од страна на новинарот, кој ги обвинил македонските востаници дека извршиле дела „од кои се згрозува христијанството, па дури и целото човештво“. На ова Татарчев одговорил:
„Можеби тие [дела] не можат да бидат оправдување, но можат да се објаснат откако ќе се знаат злосторствата што ги предизвикале. Турција, стравувајќи од европската интервенција, води политика на уништување за да не останат никакви христијани во државата, како што направи и во Стара Србија. Таа го постигнува тоа преку префинета суровост, која го буди заспаниот див ѕвер во секое човечко суштество. Очајот не познава закони; тоа е чиста лудост и ако се развива понатаму, може да даде дури уште поужасни плодови. Тие нешта не можат да се оправдаат, исто како што дејствата на човек, борец за својот живот, но се објасниви и разбирливи. Ви претставувам точен список на селата целосно опожарени од Турците. Прочитајте го, публикувајте го и запомнете дека тоа се села во кои не се населени никакви бунтовници, туку живее само стар народ, жени и деца. Запомнете ги, исто така, неописливите насилства врз жените и децата, тие придружни опустошувања, и кажете каков е тој принцип за национални права, кои би можеле да ги издигнете, за да го зауздите гневот на татковците и на браќата на тие незаштитени жени, сестри и деца. Но, тука има уште други две точки, преку кои, ве молам, да го привлечете вниманието на европската јавност. На прво место турската влада со предумисла ги остава на мира вооружените востанички чети и се убиваат жени и деца, се разграбува жетвата, се палат селата. Така, редица села во битолскиот вилает, Ресен, Охрид, Преспа, Крушево, Кичево, претставуваат сега купишта урнатини, а дејствата против востаниците се прекинати. Допуштате ли дека откако овие системски уништувања се дозволени, востаниците, доведените до бес, ќе запрат ли пред што било? Штом силите сеат ветер, кога ги негираат елементарните човекови принципи, тоа подоцна ќе ожнее бура. Народ, борејќи се со дивјаци и осуден да умре, ќе ги заборави и светите закони од тие на нациите.
Втора точка, преку која ќе го насочам вниманието на Велика Британија, е несреќното влијание што го имаше посетата на руската ескадрила врз положбата на христијаните и поведението на Турците. Порано, потиснатите христијани апелираа кон европските конзули, кои, во случај да беше возможно, им помагаа успешно и секогаш им даваа надеж. Но, по смртта на господинот Ростковски и од повлекувањето на руската ескадрила, конзулите, импресионирани од решението на силите да го дозволат убивањето на христијаните во Македонија, пројавуваат голема резервираност и ги уверуваат локалните жители што доаѓаат кај нив, дека за сè треба да се обратат кај Хилми-паша, кој работел за нивно добро. Од друга страна, Турците се охрабрени од наклонетоста на Русија, и, уште повеќе, од политиката што лежи во основата на тоа. Тие знаат дека Русија и Австрија склучиле обрач околу двете завојувани страни, и нема да допуштат никакво мешање во нерамната борба. Оттука, следува и нова тактика преземена од Портата, привремено запирање на судирите со востаничките чети и бесмислено опустошување на селата и на нивните незаштитени жители. Во очите на македонските селани, христијанските сили се претвараат во ефективни сојузници на муслиманите. Ние со радост би сакале да се тргне тој впечаток, но гледаме дека тоа е невозможно. Пресметано е така да се нанесе неопислива штета“.
Изненаден од искреноста и од дипломатските манири на Христо Татарчев, но и од неговото реално претставување и од огромните познавања за ситуацијата во османлиска Македонија, англискиот новинар го прашал својот соговорник дали е овластен да „говори од името и во корист на Внатрешниот македонски комитет“. По потврдниот одговор на Татарчев, следело наредното прашање: „Ќе ги изнесете ли вашите барања од оваа позиција?“ Татарчев без двоумење се согласил со тоа, и продолжил:
„алфа и омега на нашите барања е да имаме христијански генерал-гувернер од неутрална европска држава и постојана меѓународна контрола. Ние немаме никакви илузии, не се водиме од никакви утописки фантазии, но како практичен народ го сакаме само тоа, кое, како што им е познато на сите цивилизирани народи, треба да го имаме, за воопшто да можеме да постоиме. Ние дури не сакаме промени во турските закони. Сето тоа што го сакаме е сигурност за животот и за имотот, и постојани гаранции, и дека сето тоа ќе биде ефективно. Изјавувам дека сите ние ќе го оставиме оружјето тој ден кога ќе го добиеме сето тоа“.
Размислувајќи на глас, новинарот заклучил дека доколку големите сили продолжат со политиката на немешање, бунтовниците, како што тој ги нарекувал македонските востаници, ќе бидат принудени „безусловно да ја напуштат борбата“. Татарчев категорично го негирал тоа, изјавувајќи:
„За народ доведен до бес, нема сезони, нема беди, нема прегради. Доаѓањето на зимата нема да значи крај на борбата на никаков начин, но несомнено ќе ја промени нејзината форма. Востанието е последен обид христијаните да го добијат правото на живот и неговиот успех ќе биде пресуден, последен. Тоа ќе заврши со задоволување на нашите скромни барања или, пак, со уништување на христијаните во Македонија. Изборот меѓу тие две можности е во рацете на силите и ние наскоро ќе разбереме што избрале, но верата дека во зимата ќе се исполни тоа што турското дивеење е немоќно да го оствари, е детски, наивно, и докажува дека Европа не може да разбере каква е ситуацијата. Ние сме тврдо решени и ќе ја водиме војната докрај“.
Кога ја увидел решеноста на својот соговорникот, новинарот го прашал Татарчев: „Нема ли да биде подобро уште веднаш официјално да апелирате до народите во Европа и, исто така, кон силите, објаснувајќи им ги вашите позиции, така како што ми ги објаснивте и на мене, и да ги посочите алтернативите?“ Татарчев одговорил:
„Јас ве ополномоштувам вас да го соопштите тоа, но сум готов да издадам и последен апел кон народите и кон силите само доколку тоа би имало некаков ефект“. Англискиот новинар го советувал Татарчев да го направи тоа колку што е можно побрзо надевајќи се дека на тој начин меѓународната јавност ќе има „поголема доверба во вашето дело отколку претходно, и при секоја ситуација нема да си наштетите, ако го запознаете светот, што би било последно, во случај на Турците да им се одврзат рацете“. Основачот на МРО и прв претседател на ЦК на организацијата, а тогашен задграничен претставник, одговорил:
„Тоа ќе биде тажна, но веродостојна прогноза бидејќи, верувајте ми, уништувањето на македонскиот народ ќе биде поради самата природа на процесот и на страстите, кои ќе се ослободат, придружени од дела, кои со страшната вистина ќе го растресат светот“.
На крај од разговорот Татарчев на новинарот му го предал списокот на целосно изгорените македонски села, со ограбени и уништени имоти, број на убиено цивилно население и опустошени земјоделски површини. Софискиот дописник на весникот „Дејли телеграф“ сосема ни ја доловил атмосферата во бугарската престолнина по јавното обелоденување на списокот, констатирајќи:
„Публикувањето на списокот на изгорените села од Турците и посегнувањата извршени над населението предизвикуваат извесен степен на возбуда и некои од органите на печатот повикуваат на активна политика за заштита на Македонците, но [бугарската] влада останува незаинтересирана“.
(Пишува: Д-р Димитар Љоровски-Вамваковски
Текст објавен во 100. број на неделникот „Република“, 1.08.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Студентите на ФИНКИ изработија нова едукациска алатка за учење историја
-
Бекер: Да имав можност да играм со Федерер на Вимблдон, сигурно ќе бев поразен!
-
Жежов: Република Македонија е исправена пред еден од најтешките предизвици од независноста до денес
-
Проф. Котлар: Можеме да зборуваме за заеднички процеси во одредени периоди со Бугарија, но не и за заедничка историја


