Македонец од Херцег Нови принудувал на проституција свои сонароднички кои не можеле да му ги вратат парите што им ги позајмил за лекување на нивни блиски. Станува збор за Велин М. Јованов (60) на кого Апелацискиот суд во Подгорица деновиве му ја потврдил пресудата од три и полгодишна казна затвор за трговија со луѓе, пишува Дневник.
Македонецот во ноември лани во Вишиот суд во Подгорица беше осуден на истата казна поради тоа што принудувал на проституција седум девојки меѓу кои и две малолетнички. Освен Македонките, меѓу жртвите на трговијата со луѓе имало Црногорки, но и девојки од други држави од регионов.
Според пресудата, Велин на С.С. и на М.А., двете од Македонија, им ветил дека ќе им помогне, злоупотребувајќи ја нивната тешка материјална состојба и тоа што биле невработени, како и болести на членови од нивните семејства.
– На М.А. и ветил дека ќе и помогне во лекувањето на нејзиниот татко на кого ќе му набавел инјекции за лекување, а на С.С. и ветил пари за преглед на болната мајка. Двете девојки парите требало да му ги вратат од платата што ќе ја земаат кога ќе се вработат на брод, на кој тој претходно им ветил дека ќе им најде работа. Бидејќи Велин ги излажал девојките, останале без работа и немале пари за да му го вратат долгот. Измамникот, иако знаел дека С.С. и М.А. се без пари инсистирал да му го вратат долгот, па им предложил парите да ги вратат со давање сексуални услуги- пишува во пресудата.
Осудениот Македонец ги искористувал и Д.В. и нејзината малолетна ќерка, кои од него побарале помош да платат кирија. Тие му рекле дека немаат пари за леб, ниту за струја и кирија, па затоа тој ги терал да се проституираат. Велин на малолетничката и рекол при средбите со клиентите да не кажува колку години има.
Меѓу жртвите била и А.Р., која му се доверила дека е во тешка економска состојба, па Велин и позајмил пари за кирија. Потоа ја условувал позајмените пари да му ги врати така што ќе работи за него, односно тој ќе и наоѓа муштерии на кои ќе им дава сексуални услуги. Слично постапувал и со Д.А., која исто така ја уценувал, а која била принудувана поради работа да доаѓа во Црна Гора. Велин знаел и за нејзината тешка состојба, па и предложил со проституција да обезбеди подобра материјална состојба за семејството. Малолетната Д.П. ја запознал додека одела во училиште, па лесно ја излажал знаејќи дека ќе добие многу заинтересирани поради нејзината возраст.
Велин бил уапсен во јули 2012 година во полициската акција „Превлака“, откако полицијата го следела неколку месеци поради сомнение дека се занимава со трговија со луѓе поради сексуална експлоатација.
Според обвинението, делото за кое се товари Велин го вршел од јули 2011 до јули 2012 година. Тој ги носел девојките во своите станови во Херцег Нови и во Баошиќи, каде што ги ставал на располагање на поголем број мажи. Со клиентите контактирал телефонски и ги договарал местото, времето и цената за која девојките требало да ги задоволат нивните сексуални потреби.
Макро во тајност, јавно – сопственик на градежна фирма
Велин, откако ќе договорел средба со девојка која била по ќеф на муштеријата, и давал упатства колку време треба да помине со него, начинот на кој треба да го задоволи и колку треба да наплати.
За време на средбите нашинецот седел во кафулиња кои се во непосредна близина на становите за да ги контролира девојките дали ги следат нивните упатства. Тој договарал средби за кои клиентите плаќале од 50 до 100 евра, од кои дел задржувал за себе, а остатокот им го давал на девојките.
На интернет може да се најде податокот дека според „Службениот весник“ на Црна Гора, Јованов во октомври 2011 година основал фирма за градежништво и услуги во Херцег Нови. Тој бил основач и сопственик, а жена со исто презиме се јавува како директор на фирмата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.