| четврток, 6 декември 2018 |

Скопско село само со двајца постојани жители

selo

Тодор Велковски, 89-годишен старец, и 50-годишниот Тихомир Тодоровски се единствените постојани жители на село Говрлево.Селото, познато поради многуте стари цркви во околината и по прастарата скулптура Адам од Говрлево, е оддалечено 30-ина километри од Скопје. Припаѓа на Општина Сопиште, изборна единица број 1 и е единственото село во Скопско со ваков куриозитет – да има само двајца постојани жители, кои му пркосат на модерното време и не посакале да се иселат од родното место за да заминат в град, пишув Дневник.

starciДедо Тоде, поради проблеми со здравјето и годините што го нагазиле, а и слабиот вид и слух, годинава не го остварил своето избирачко право, раскажаа неговите внуци, кои зиме го чуваат во населбата Kисела Вода, а Тихомир, како што самиот ни кажа, гласал. Единствените жители на Говрлево не ги најдовме во селото, туку ги баравме низ градот – дедо Тоде беше кај синовите во Kисела Вода, а Тихомир на работното место во Пинтија.starci1

Дедо Тоде, како што вели, никогаш не би ја напуштил својата куќа, но сега е во години, а имал и операција, па синовите го зеле да го почуваат. Го најдовме на тераса, седнат на стол, со ќебе преку нозете и со поглед во далечина, кон Сонцето. Слуша, но не толку добро, па во негово име зборуваше еден од внуците. Едното око му е затворено, имал неуспешна операција на катаракта, а на другото гледа само сенки. Но, и покрај тоа, месецов инсистирал да оди да си поседи во Говрлево. Го прашавме кој ќе го чува, а внукот ни рече „самиот ќе се чува“. Таква му била желбата, тоа го правел и претходно.

– Не гледа, но сам си нареди пластични шишиња во дворот, од кои направи една патека, и така се движи. Сонцето прави отсјај и така гледа силна светлина. Не готви, јаде малку, само чорбесто, а најважно му е дента да има млеко. Сака сам да си седи, но секако за него ќе се грижат соседите. Потоа пак ќе го земеме – вели внукот.

Дедо Тоде е роден во 1925 година во Говрлево, на 7 јануари, на Божик. Сопругата му починала пред десетина години и оттогаш е сам. Додуша и сака да биде сам, вели внукот, самиот си мисли дека ни додева и никако да го убедиме во спротивното. Во Втората светска војна се борел во партизани и бил погоден со куршум во рамото. Оттогаш зема боречка пензија, а цел живот е земјоделец.

Тихомир Тодоровски е помлад, но и тој како дедо Тоде, сам живее во селото. За разлика од старецот, кој повремено е во градот, Тихо живее во Говрлево, а работи во Скопје. Тоа го чини многу изгубено време во патување. Секој ден оди 20 минути пеш до автобуската станица среде Говрлево, а потоа со автобус до Пинтија.

– Немам постојана работа, но нешто подработувам во автомеханичарски салон кај мој роднина – раскажува тој.

Не е пречека на работното место со еден автомеханичарски клуч во рацете и во работничко одело. Го прашавме дали некогаш добива желба да се иссели од селото, а тој вели „не“. И покрај сите недостатоци, како, на пример, слабата струја и проблемот со водата.

– Ова време во селото има луѓе, но тоа се претежно викендаши, луѓе што повремено доаѓаат, одгледуваат земјоделски култури, се одмораат на чистиот воздух, а потоа пак се симнуваат во градот – вели Тодоровски.

На последните избори го остварил своето избирачко право, но долу, во Горно Соње, со тамошните жители. Не било отворано посебно избирачко место во Говрлево, за само двајцата гласачи, последните говрлевци.
Недостатокот од чиста вода за пиење и за наводнување, недостигот од улично осветление, како и слабата струја, која е монофазна, се главните причини што жителите од Говрлево изминативе децении го напуштија селото, до кое има асфалтен пат. За ова ни раскажаа викендашите, кои со години доаѓаат таму. Некои од нив се родени во ова место, а се иселени во Скопје, други тука купиле или направиле викендички за одмор.

Некои од тие што вчера ги најдовме во Говрлево се пожалија дека локалната власт не вложува многу и е време да почне да го прави тоа, особено што во месноста се гради и нов манастир „Свети Илија“, за чиј празник на 2 август доаѓаат и до 5.000 посетители. Недостатокот од вода прави проблеми при одгледувањето на градинарските култури, а поради тоа е тешко и да се чува стока. Затоа ретко се занимава со тоа, а ако се нафатат, собираат дождовница или копаат бунари, но вода наоѓаат дури по 20 метри длабочина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top