| четврток, 6 декември 2018 |

Треба ли со закон да ги натераме децата да си го наместат креветот?

Помагаат ли нашите деца дома? Дали ни е потребен закон што ќе ги регулира односите во семејството и кој ќе ни наложи дека децата на одредена возраст ќе мора да почнат да учествуваат во извршувањето на домашните задачи? Ги разгаливме ли нашите деца премногу?

Летниот распуст за учениците е во тек. Пред триесетина години во овој период од годината, по правило, се читаа лектири, а пред да се вратат родителите од работа, се извршуваа некои задолженија дома – на пример, се фрлаше ѓубрето, се местеа креветите, се чистеше собата, играчките требаше да бидат на своето место. Поголемите деца, оние што имаа пристап во кујната и до шпоретот, можеби, имаа задача да го подгреат и ручекот. Повештите – да направат салата.

Помагањето во домашните работи отсекогаш било во духот на традицијата на македонскиот народ. Децата, во согласност со својата возраст, имале задачи што ги извршувале без приговор, без поделба на машки и на женски работи. Според афинитетите, девојчињата помагале во чистење, метење двор, приготвување ручек, покрај бабите учеле да месат, ги учеле техниките на везење, шиење, плетење… Момчињата учеле да сменат прегорена светилка, да го фрлат ѓубрето, да пазарат…

Во тоа време имаше време за сѐ – да се помага во домашните задачи, да се игра на улица со другите деца, но и да се читаат задолжителните лектири. Детската игра никогаш не била доведена во прашање. Како што растеа децата, се зголемуваат нивните должности. Со таква практика, тие растеа во здрави личности кои стануваа свесни за своите права, но и за обврските во семејството.

Денес не е ништо поинаку во однос на времето. Но, се сменија ли децата или, пак, родителите? Или, можеби, новиот, брз начин на живот ни го смени погледот на светот. Помагаат ли нашите деца дома? Дали ни е потребен закон што ќе ги регулира односите во семејството и кој ќе ни наложи дека децата на одредена возраст ќе мора да почнат да учествуваат во извршувањето на домашните задачи? Ги разгаливме ли нашите деца премногу?

Повозрасните уште се сеќаваат на Зоки Поки и на приказната за тоа што добил Зоки за ручек. За тие што не ја знаат приказната – на неделниот ручек сите седнале на маса и секој член на семејството кажувал што сработил тој ден и според заслугите добивал поголемо или помало парче месо во чинијата. Само Зоки не учествувал во домашните задачи. Тој, додека се готвел ручекот, постојано го кревал капакот од тенџерето. На крај, за ручек го добил капакот! Фигуративно, се разбира, ама Оливера Николова уште пред многу години им испрати порака на децата, кои оваа лектира ја читаа во прво одделение.

Zivot100-2

 

Хрватска го реши тоа со закон

Минатата недела една од најчитаните вести беше таа во која се пишуваше дека во Хрватска од први септември стапува во сила законот за семејство во кој со еден член се говори за тоа дека детето е должно да ги почитува своите родители и да им помага во извршувањето на домашните задачи во согласност со својата возраст и зрелост. Се разбира, законот не предвидува санкции ако не се почитуваат законските одредби.

Во Македонија во Законот за семејство нема таков член. Законот за семејство ги содржи главните одредби со кои се регулира семејното право како гранка на правото и се заснова на одредени принципи на кои се темели регулирањето на општествените односи. Со Законот се кодифицира и регулира стожерот на секое општество – семејството. Во Законот за семејство пишува дека родителите кон своите деца имаат еднакви права и должности, кои се нарекуваат родителско право. Односите на децата и на родителите се засноваат на права и должности на родителите да се грижат за подигање, чување, воспитување и образование на своите деца, како и да ги развиваат нивните работни способности и навики.

Според Законот, родителското право го вршат родителите во согласност со потребите и интересите на децата и интересите на општествената заедница.

Јасна е мајка на две деца. Дванаесетодишната Ана и осумгодишната Јана. Уште мака мачи за да ги натера своите ќерки да учествуваат во домашните задачи.

– Кога ќе размислам, тие две воопшто не се лоши деца. Напротив, учат, одлични се, ги почитуваат возрасните. Ама кога ќе им дадам задолженија за дома, веднаш има отпор, потоа следува приговор, па на крај ќе го сторат тоа што го барам од нив. А, тоа не е многу. Нивната соба да биде средена, креветите наместени. Поголемата ќерка понекогаш знае да ја вклучи и правосмукалката. Но, повторувам, не се лоши деца, ќе го направат тоа што го барам од нив, но прво мора да се развие дебата – се смее Јасна.

Признава дека тоа се далеку помали обврски од тие што таа ги извршувала додека била дете.

– Кога ние бевме деца, нам тогаш ни беше интересно да помагаме дома. Бевме среќни кога ќе ни дадеа задолженија. Се чувствувавме „големи“. Сега децата поради компјутерите, немаат време за ништо. Мора да се провери статусот на „Фејсбук“, да се следат другите објави или да се коментира, да се слуша музика – се смее Јасна.

Примерот на Јасна не е единствен. Напротив, тоа е најчеста тема на разговор меѓу родителите што имаат деца на таа возраст или малку поголеми. Повеќето се жалат дека не им даваат задолженија на децата сакајќи да им остават време да уживаат во детството, но, од друга страна, пак, сфаќаат дека, како што растат децата, нивните домашни обврски се зголемуваат и некогаш навистина немаат време да постигнат сѐ.

Zivot100-3

 

Помагањето е во духот на македонската традиција

Дали ни е потребна законска регулатива за да се вратиме на корените и на тоа што е во духот на македонската традиција, прашува Магдалена Чакар-Маркулеска, специјалист по психијатрија. Се поставува прашањето дали е потребен закон што ќе ги натера децата да си ги кренат играчите од подот или, пак, да си го наместат креветот.

– Можеби со пропаганда и со едукација ќе се освестиме дека пропуштаме нешто во воспитувањето на децата ако не им даваме задолженија дома. Извршувањето задачи во домаќинството, кои се соодветни на нивната возраст, е дел од процесот на растење и создавање човек со здрави навики. Секако дека тоа не може да се реши со закон бидејќи и во Хрватска, каде што ќе почне да се применува законот, нема санкции. Оставено е на совеста на родителите. На децата нема да им помогнеме ако постојано им попуштаме и не им даваме обврски што може да ги извршат. За наше, но и за нивно добро е да се научат да помагаат. На тој начин тие ја развиваат и емоционалната интелигенција, го развиваат чувството за емпатија, кое, исто така, е потребно за да се развие психички здрава личност. А, и помалку време ќе минуваат на компјутер – вели Чакар-Маркулеска.

 

Шпанското искуство

Шпанците, за разлика од Хрватите, се уште попрецизни во законот. Според нивниот закон, децата, освен извршување на домашните работи, се должни и да пишуваат задачи, да ги почитуваат училишните правила и вредно да учат. Како и во хрватскиот закон, не постојат казни за тие што нема да се придржуваат на законските одредби. Јасно е дека таквите законски мерки може да ги контролираат единствено децата.

– Ваква одредба е еднакво корисна, како за децата, така и за родителите. Овде се работи за начелото за почитување на родителите и за помагање во делот што е наменет за деца – сметаат психолозите.

Со внесување таква одредба во законот, општеството праќа порака за важноста на таа одредба во законот. Така децата учат од најмала возраст дека имаат обврски и одговорности. Родителите, пак, на тој начин имаат оправданост да им поставуваат на децата граници и да им даваат обврски кои се во согласност со нивните години.

Според хрватскиот закон, кој сѐ уште е во сила, во членот 90 пишува дека детето е должно да ги почитува своите родители и да им помага и внимателно да се однесува кон членовите на семејството.

Со новиот закон, кој треба да стапи во сила на 1 септември, пишува дека детето е должно да ги почитува своите родители и да им помага во извршувањето на домашните задачи во семејната заедница во согласност со својата возраст и зрелост и со внимание да се однесува кон другите членови на семејството.

 

(Пишува: Александра М. Бундалевска
Текст објавен во 100. број на неделникот „Република“, 1.08.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top