Мажот осомничен дека го украл здравствениот картон на тешкоповредениот поранешен светски шампион во Формула 1, Германецот Михаел Шумахер, е пронајден обесен во ќелијата во полициска станица, објави кантоналното државно обвинителство во Цирих.
Мажот, чиешто име не се наведува, работел како менаџер во швајцарската хеликоптерска компанија „Рега“, која учествуваше во транспортирањето на Михаел Шумахер од болницата во француски Гренобл во Универзитетската болница во Лозана на 16 јуни.
Седумкратниот победник во Формула 1, 45-годишниот Шумахер, се здоби со тешки повреди на главата кон крајот на 2013 година на скијачките терени во француските Алпи.
Францускиот дневен весник „Ле Дефин либере“ (Le Dauphine Libere), на почетокот од јули пишуваше дека украдените податоците за неговата здравствена состојба што долго се криеше од јавноста им биле понудени на неколку европски медиуми за 60.000 швајцарски франци од интерне- адреса, која ѝ припаѓа на споменатата швајцарска хеликоптерска компанија.
Компанијата „Рега“ на 8 јули поднесе кривична пријава поради сомневање во кражбата на податоците, но тврди дека во тоа време немала докази дека некој од нејзините вработени е инволвиран во кражбата.
Истрагата на кантоналното државно обвинителство во Цирих доведе до апсење на вработен во компанијата под обвинение за повреда на приватноста на пациент и на лекарска тајна. Уапсениот, кој требаше да биде сослушан во средата, ги отфрлил сите обвиненија.
Државниот обвинител изјави дека нема знаци дека некој друг е вмешан во неговата смрт. Претседателот на управата на „Рега“, Ернст Колер соопшти во средата дека компанијата е „ожалостена“ поради овој „трагичен случај“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.