| четврток, 6 декември 2018 |

Сите украдени икони се од Дичо Зограф

Од Тресонче се украдени пет престолни икони, насликани од 1844 до 1845 година, 23 празнични од 1948 до 1949 година, една плаштеница и три целивни икони, објаснува за „Дневник“ тимот што завчера правеше увид во состојбата. Екипата беше составена од стручњаци, музејски работници и црковни лица од Дебарско-кичевската епархија

A3F0420ADFDAFB40B7B02FD3D8A819E4
Сите 32 икони што пред три ноќи беа украдени од црквата „Св. Петар и Павле“ во мијачкото село Тресонче се од познатиот Дичо Зограф. Kрадците влегле преку прозорецот, ги исекле железните решетки, ги зеле иконите и ги извлекле по истиот пат. Затаил новиот алармен уред, кој бил поставен во црквата лани во ноември, велат извори за „Дневник“. Сите икони се од времето на преродбата, од втората половина на 19 век.

Поради новата врата, алармните уреди и грижата на жителите во Тресонче, иконите останале во оваа црква и не биле дел од евакуацијата која лани во ноември се спроведе во повеќе храмови во Дебарско-кичевската епархија. Во акцијата беа вклучени Македонската православна црква, односно владиката Тимотеј, Заводот за заштита на спомениците и музеј од Охрид и Музејот „Д-р Никола Незлобински“ од Струга. Беа дислоцирани иконите од повеќе храмови, претежно дела од 18 и 19 век, инвентаризирани и привремено депонирани на различни локации.

– Имаше одличен заштитен систем во црквата „Св. Петар и Павле“. Затоа оваа црква не беше предложена за дислокација на иконите. Проблем е што алармот воопшто не се активирал кога крадците влегле во црквата – вели претставник на тимот.

Илчо Бојчевски, инспектор за превенција во Управата за заштита на културното наследство, потврдува дека алармни уреди биле поставени во црквата.

– Скоро беше поставен, но не се активирал. Детални информации ќе има во извештајот од тимот што направи увид во состојбата – вели Бојчевски.

На прашањето дали воопшто се пронајдени икони, чии кражби се многу чести во последните години, тој одговара:

– Ништо не е вратено. Освен 28 икони украдени од Kрушево пред неколку години. Иконите ги најдовме, крадците не. Ги начекавме при обидот да се преземат. Во Прилеп се води процес, но веќе неколкупати пропаѓаат сите обиди да се свика рочиште.

Димитар Kрстев, познат како Дичо Зограф, е еден од најпознатите зографи и фрескоживописци од 19 век на Балканот. Роден е во селото Тресонче во 1819 година. Работел на целиот Балкан. Насликал повеќе од 2.000 икони во Македонија, Србија и во Грција. Неговото творештво означува крај на еден илјадагодишен идејно-естетски систем и почеток на сосема нов период во македонската историја на уметноста.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top